Почина архитектот Климент Заров

Познатиот македонски и охридски архитект, Климент Заров, почина вчера на 88 годишна возраст . Заров е еден од доајените на современата македонска архитектонска мисла. Во своето долгогодишно делување се занимавал со повеќе сегменти од архитектонската професија, минувајќи ги сите скалила за целосно оспособување во широката палета на архитектурата. Подолг период бил водечки планер и проектант во Институтот за урбанизам и архитектура во Охрид, каде што ги истакнал своите творечки и организациски способности.

Заров се школувал на Техничкиот факултет во Загреб и на Архитектонскиот факултет при универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ во Скопје. По работата во Заводот за заштита на спомениците и културата во Охрид, продолжува во новооснованиот Завод за урбанизам и архитектура во Охрид каде работи како проектант, и како директор. Бил и директор на ЈП за просторно и урбанистичко планирање на Р. Македонија.

Позначајни негови реализирани проекти се: Интервенции на црквата Св. Јован Богослов Канео и презентирање на црквата во нејзиниот автентичен облик, колективна станбена зграда на пошта Охрид, хотел Горица Охрид, бунгалови во летувалиште Претор, хотел Св.Илија кај месноста Св.Стефан, Хотел Силекс, реконструкција и доградба на поштата во Охрид, Реконструкција и доградба на аеродромската зграда во Охрид, две станбени згради на ул.„Партизанска“ во Охрид и детален план на централното градско подрачје на Охрид.

Дел од неговите позначајни нереализирани објекти се: хотелски комплекс нарачан од бившата ЈНА во Св.Стефан, мотел во Џеда, Саудиска Арабија, Хотелски комплекс во Јахорина.

Тој учествувал на повеќе републички конкурси од кои најзначајни се повиканиот конкурс за Комплексот Палас во Охрид и повиканиот конкурс за хотел на Јахорина. Познатиот охридски архитект е добитник на повеќе награди за својот труд, и тоа: Награда на град Охрид „7ми Ноември“ од областа на архитектурата, Признание од Сојуз на урбанисти на Југославија за урбанистичко творештво и Републичка награда „11 Октомври“ за хотел Горица-Охрид и наградата за животно дело “Андреја Дамјанов” во 2009. Член е на македонската архитектонска академија.

Посмртните останки на архитект Климент Заров ќе бидат изложени во капелата на градските гробишта во Охрид во четврток на 12.04.2018г. од 12 до 13 часот.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ