Почесниот конзул на Белорусија го демантира Милошоски

Белоруската амбасада во Белград и почесниот конзулат на Белорусија во Скопје подготвуваат протестна нота поради вчерашната изјава на пратеникот Антонио Милошоски дека бизнисмен од Битола пријавил рекет во амбасадата.

Известувањето до медиумите го испраќа почесниот конзулат на Република Белорусија, а документот го објавија и повеќе пратеници на СДСМ на своите фејсбук профили.

Според известувањето, Милошоски вчера во Собранието изнел лажни вести затоа што ниту еден бизнисмен не споделил такви забелешки до амбасадата во Белград.

-Ниту во минатото ниту сега до Амбасадата на Република Белорусија во Белград и до амбасадорот Валериј Брилјев, ниту во Почесниот конзулат на Република Белорусија во Република Северна Македонија во Скопје не се доставени жалби.

Исто така ниеден стопанственик што бил примен на разговор не се пожалил за никакви проблеми, од каква било природа и какви било размери, известуваат од Почесниот конзулат во Скопје. Милошоски тврдеше дека на бизнисмен од Битола кој добивал тендери во РЕК му бил баран рекет од 250 илјади евра за што ја известил белоруската амбасада во Белград.

Почесен конзул на Белорусија во Северна Македонија е Борче Марковски, бизнисмен кој има и градежна компанија која често соработува со РЕК Битола.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ