По Самитот, Собранието ќе го договара референдумот

Референдумското прашање и другите детали поврзани со Референдумот треба да се договараат во Собранието. Оваа иницијатива што премиерот Заев ја соопшти во интервју за грчката агенција АНА-МПА треба да се реализира по Самитот на НАТО.

„По самитот на НАТО, сите партии ќе имаат средба во Собранието за да ги утврдиме елементите на референдумот, деталите за прашањето што ќе се постави и за карактеристиката на референдумот“, вели Заев.

За спикерот Талат Џафери, оваа иницијатива е прифатлива, иако тој потенцира дека референдумското прашање не е ексклузивна обврска на Собранието.

„Заев е срам за Македонија. Тој прво ја информира грчката јавност за прашања што има намера да им ги постави на македонските граѓани за да одлучат за својата иднина. Лицемерно е сега да говори за какви било консултации’, велат од ВМРО-ДПМНЕ и нагласуваат дека немаат покана за некакви разговори.

За пратеничката група на СДСМ тоа е приоритетна активност, заедно со обезбедувањето на сите неопходни услови за успешно спроведување на референдумот. Од ДУИ доаѓа само кус коментар: „Се за евро-атлантска Македонија!“, а поддршка за референдумскиот процес искажа и опозициската БЕСА. Според Законот, Референдумот на државно ниво го распишува Собранието. Од денот на објавување во Службен весник до денот на одржување, не може да поминат помалку од 60 ниту повеќе од 90 дена. Како можни термини Заев ги посочи 23 и 30 септември или 7 октомври.

Соња Николовска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ