
По растот на случаите во Тетово, граѓаните бараат да бидат тестирани
Досега епидемиолозите се соочуваа со проблеми во пронаѓањето на контактите на заразените лица со Ковид 19 во Тетово и тетовско, но вчерашната бројка на нови случаи, како да ги заплаши граѓаните, па веќе самите бараат да бидат тестирани. Од Центарот за јавно здравје Тетово велат дека и денес се на терен и земаат брисеви на сомнителните случаи. Во меѓувреме во овој регион при крај е и вонредниот скрининг на населението, со кој треба да се откријат и лица кои немаат симптоми, а претставуваат опасност за себе, но и за луѓето со кои се во контакт.
„Не само што нема отпор кај населението кон тестирањето туку многу е зголемен е бројот на лицата кои сакаат доброволно да се тестираат. Не можеме да постигнеме да ги тестираме сите заинтересирани лица. Иако денес е недела неколку екипи од Центарот за јавно здравје од Тетово се на терен за што побрзо да ја завршиме оваа работа“, изјави др Зорица Зафироска, специјализант по инфектологија во Центарот за јавно здравје во Тетово.
Граѓаните во анкета велат дека бројот на заболени во Тетово се зголемува бидејќи не се почитуваат мерките. Луѓето не носат заштитни маски, а особено младите, кои воедно и се групираат.
Инаку, на тетовското подрачје во изминатото деноноќие за неносење заштитна маска биле казнети 37 лица, претежно оние немале маски кога се во возило со повеќе лица и при групно движење, кога нема растојание меѓу нив. Приведено е и едно лице за непостапување според здравствени прописи за време на епидемии при контрола на угостителски објект од страна на СВР Тетово во содејство со Државниот пазарен инспекторат.
Нови решенија за изолација од Државниот санитарен и здравствен инспекторат издадени им се на 78 лица, а конторолирани биле 510, додека изјави за самоизолација потпишале 9 лица, а контролирани биле 126.
Данијела Билбилоска