
По објавата на стенограмите Обвинителството истражува дали има кривично дело
Никој не сака да се изјасни за веродостојноста на стенограмите од средби на македонскиот државен врв, чија содржина вчера ја објавија германскиот весник Франкфуртер алемајне цајтунг и германскиот Катимерини. За истрага за протекување на класифицирани информации е задолжено обвинителството, оттаму велат дека следат што се случува:
- Јавното обвинителство на Република Македонија ги следи сите информации и согласно своите надлежности ќе постапи секаде каде што ќе бидат утврдени елементи на сторено кривично дело, соопштуваат од ЈОРМ.
За тоа како се постапува со доверливи и тајни документи се грижи дирекцијата за безбедност на класифицирани информации, но во оваа институција ни одговорија дека тие не се надлежни за истрага за текот на документите и дека досега обвинителство не побарало конкретни информации за протекување.
Првичните информации се дека двата стенограми се класифицирани документи, со ознака строго доверливи и дека се направени од кабинетот на Иванов по средбите на македонскиот државен врв во јануари и во мај. Во кабинетот на претседателот не одговорија на прашањата на темата, дали се веродостојни информациите и доколку се, како стигнале во странските весници.
Во средината на јули, два класифицирани документи стасаа до рацете на претседателот на собраниската комисија за надворешна политика Антонио Милошоски, откако од кабинетот на Иванов тој лично како комисиски претседател ги барал стенограмите, наместо тоа да го направи преку собраниските служби. Курирот на претседателот му ги дал доеврливите информации на пратеникот Милошоски иако не проверил дека тој воопшто нема безбедносен сертификат.
Едниот коверт бил отворен, по што документите по соработничка Милошоски ги испратил во собраниската архива. Тогаш е откриено дека со класифицираните документи е постапувано неправилно и противзаконски.
СДСМ најави кривична пријава за Милошоски додека пратеникот тврдеше дека документите се кријат за да не се дознае како се преговарало за спорот. Денеска Милошоски кратко ни одговори на порака дека нема информација дали објавените документи во германскиот Фац и грчкиот Катимерини се исти како документите кои ги бараше да се разгледуваат на комисија.
Миомир Серафиновиќ