
По новиот автопат во следните неколку месеци ќе се вози без пари
Сечење ленти и говори на владините функционери деднеска немаше, но сепак, по речиси две години одложување, возачите од денеска конечно ќе можат да патуваат по новиот автопат Миладиновци Штип. Официјалното објаснување зошто изостана пригодна свеченост за ваков битен долгоочекуван проект и единствен автопат во источниот регион на земјава , од ресорот за транспорт е дека не можеле да се поклопат работните агенди на премиерот Заев, министерот Сугарески и директорот на Јавното претпријатие за патишта, Китанов. За властите е најбитна безбедноста, па затоа и на упорните граѓани во изминативе денови им се забрануваше да ја користат оваа делница. Сега се исполнети условите за пуштање, вели Китанов.
„Автопатот е пуштен со исполнување на условите за тоа. Најважно е граѓаните да возат безбедно по новиот и модерен автопат. Се замолуваат учесниците во сообраќајот да ја почитуваат сообраќајната сигнализација“, вели Зоран Китанов, директор на Агенција за патишта.
По новиот автопат во следните неколку месеци сигурно ќе се вози без пари.
Граѓаните што ќе патуваат од Скопје за Штип до крајот на годинава ќе плаќаат само една патарина, постоечката, кај Куманово, која чини 40 денари. Меѓутоа, од стартот на идната година планирано е на автопатот Миладиновци Штип да никнат две нови патарини, за чија изградба тендерот треба да се распише за околу десетина дена.
Откако ќе се изградат, на едната наплатна станица која ќе биде кај Кадрифаково ќе се плаќаат 50, а другата, кај Преод, ќе ги чини граѓаните 70 денари.
Автопатот Миладиновци Штип е долг 47 километри и патувањето од Скопје за Штип треба да го скрати за половина час. Тој е со четири ленти, плус две ленти за застанување, широк е 27,4 метри, а проектираната брзина изнесува 130 километри на час. По неговата должина има и четири клучки.
Граѓаните очекуваат да им се скрати патувањето.
Почна да се гради во 2014 година и граѓаните ги чинеше безмалку 200 милиони евра. Изведувач на градежните работите беше кинеската компанија Синохидро, а како подизведувачи беа вклучени и македонски компании. Стартните најави на власта беа дека треба да биде пуштен во употреба во мај 2017 година, но потоа рокот во два наврати беше пролонгиран, односно планираните датуми кои беа за есента и за крајот на минатата година, беа пробивани, со објаснување дека претходните власти кои го почнаа оставиле во наследство големи проблеми и нерешени прашања.
Но овие две нови патарини нема да бидат единствените што ќе им ги зголемат трошоците на возачите. Со одлука на Владата, од следната недела и официјално ќе биде пуштена во употреба и првата од двете патарини на автопатот Демир Капија-Смоквица. Таа ќе чини најмногу од сите други патарини во земјава, односно ќе биде 100 денари. За втората патарина, пак, на истиот тој автопат, каде ќе почне да се плаќа од следната година, возачите ќе треба да издвојат 80 денари. Со ова, граѓаните кои од Скопје ќе патуваат до Грција, за еден правец во земјава ќе треба да издвојат 280 денари, додека, пак, оние што преку Србија ќе одат низ земјава, патарината ќе ги чини 340 денари. За странците, пак, што ќе плаќаат во евра, пак, намалена е за половина евро цената на две наплатни рампи, кај Романовце и Стоби од 1,50 на 1 евро.
Моторџиите кои досега плаќаа исто како автомобилите, ќе имаат олеснување, за нив ќе важат нови пониски тарифи.
„Воведуваме новина и олеснување за мотоциклистите. Тие досега плаќаа патарина иста со патничките автомобили. Сега ги одвоивме и утврдивме пониска цена за нив. Оваа категорија на патарини ќе се применува со воведувањето на електронскиот систем за наплата на патарините кој треба да почне да функционира за 10 дена“, вели Китанов.
За оваа категорија возила цената на патарината се движи од 20 до 60 денари.
За 10 дена треба да биде активиран и системот за електронска наплата на патарините со безготовински смарт картички и уреди за електронска наплата на патарина (таг) за кои веќе се предвидени и попусти кои се движат од 2 до 7 отсто од надополнетата сума на пари.
За почеток надополнувањето на картичките ќе се врши на патарина или преку мобилна апликација од мобилните телефони. Картичката ќе ги чини граѓаните 100 денари.
Нина Нинеска-Фиданоска