
По некој аплауз и очекувана критика од грчките европарламентарци- доби Иво Вајгл за извештајот за Македонија
По некој аплауз и очекувана критика од грчките европарламентарци- доби Иво Вајгл на дебата пред гласањето за извештајот за Македонија, кој побара старт на преговори за членство во ЕУ во јуни. Неизбежна тема беше и унгарскиот азилант Груевски, за што од партијата на Орбан порачаа дека унгарскиот потег најдобро се разбира во контекстот на „миграциските активности и лобирањето на Сорос“. Вајгл рече дека земјата мора да продолжи со исто реформско темпо, но други европратеници потсетија дека не само Македонија, туку и Европската Унија треба да ги исполни своите ветувања.
Еврокомесарот Хан истакна дека земјата се врати на евроатлантскиот пат и ги поздрави изгласаните уставни измени нарекувајќи ги храбар чекор кој очекува да продолжи без одлагање.
Позитивни оценки стигнаа и од пратениците од Романија, земја која го презема претседателството со ЕУ од први јануари.
Кристијан Дан од ЕПП ја повика Грција на повеќе разбирање кон Македонија особено по острите критики на неколку грчки пратеници како Софиа Сакорафа која изјави дека нема да го поддржи извештајот на Вајгл за Македонија.
-Преспанскиот договор не е изводлив, а уставните измени го нарушуваат договореното, рече Сакорафа.
Константинос Пападакис од Комунистичката партија, го оквалификува извештајот на Иво Вајгл како „прекршување на ЕУ“ и „потклекнување пред големиот капитал за интересите на европските монополи“.
-Земја која до вчера не беше подготвена, сега преку ноќ стана подготвена, ова е лудило, изјави Пападакис.
Унгарскиот парламентарец, Ласло Токес од партијата на Орбан, во одбарана на азилот за Груевски рече дека ова е атак од социјалистите и зелените, кои го користат случајот со Груевски за идеолошки напад врз Унгарија, алудирајќи на амандамните за кои ќе се гласа денеска. Според него давањето азил е согласно законската процедура, но потребни се дополнителни напори за да се заштити судството од политичко мешање.
По оваа дебата попладнево треба да се одржи и гласањето во ЕП, на кое е извесно дека Македонија ќе ја добие поддршката за старт на преговори за влез во ЕУ.
Билјана Ставрова