По месец и половина Гинекологија Чаир се уште загадува, гасификацијата го чека тендерот

Црниот чад од оџаците на Гинекологија Чаир се уште го загадува воздухот. На почетокот на февруари, скопскиот градоначалник им постави ултиматум на здравствените власти. Ако за еден месец не го сменат начинот на грење во објектот – вратите на болницата ќе бидат затворени за родилките. Помина месец и половина, а не е ниту започнат процесот за гасификација на болницата во која годишно се раѓаат околу 4 илјади бебиња. Но, болницата не е затворена. Министерот Филипче разговарал со Шилегов и му објаснил дека нема да успеат да ги исполнат задачите во дадениот рок и го убедил да има разбирање.

„Имавме неколку состаноци со градоначалникот оттогаш и го информиравме до каде сме со постапката, зошто ја прекинавме и што чекаме. Од негова страна ни беше ветено дека ќе излезе во пресрет од страна на Градот како институција да ги дадат сите потребни документи“ кажа Венко Филипче, Министер за здравство.

За да започне реализацијата, недостасувале неколку документите во папките во Министерството за здравство – од општина Чаир, но и од Министерството за животна средина.

„Некои градежни дозволи и дозвола од некои министерства заради тоа што сепак станува збор за резервоар со гас“ кажа Венко Филипче, Министер за здравство.

Од Министерството за животна средина се оправдаа дека мал пропуст го закочил целиот тендер за носење гас во болницата во Чаир. Згрешиле кога ги собирале на куп сите документи.

„За жал од една невнимателност има една грешка заради којашто мораше да се поништи тендерот“ кажа Јани Макрадули, Заменик-министер за животна средина и просторно планирање.

Од гинекологија Чаир досега повеќепати се обратиле поединечно и до Град Скопје и до Министерството за животна средина. За тоа колку го загадуваат воздухот бил запознаен и претходниот министер за здравство Таравари. Од болницата се уште ги палат котлите со мазут наутро и навечер, за згрижените во болничките кревети да имаат топла вода, а во собите да има греење.

Петар Догов

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ