По изгласаната доверба, грчката Влада се фокусира на Договорот од Преспа

На синоќешното гласање доверба во грчкиот Парламент, Алексис Ципрас со 151 гласа „за“, доби поддршка за неговата влада. Од пратениците, 148 гласаа „против“, а еден беше отсутен. Со ова, по добиената доверба од Парламентот, вниманието на грчката Влада сега се насочува кон Договорот од Преспа и пратениците кои што би гласале за негова ратификација.

По завршувањето на гласањето, грчкиот премиер во изјава за медиумите рече дека владата со добиената доверба ќе го заврши четиригодишниот мандат со едниствен критериум интересите и потребите на грчкиот народ.

Ципрас во завршниот говор во парламентот се задржа и на Договорот од Преспа. Ги извести пратениците дека Грција ја примила Вербалната нота од македонското МНР во која се соопштува дека се исполнети обврските согласно договорот. Ципрас му се обрати на Мицотакис и рече дека во добиениот текст, „соседите освен што известуваат, имаат и толкувачка изјава“, односно дека се појаснуваат деловите поврзани со јазикот и државјанството.

-Што појаснуваат нашите соседи во овој текст што е правно обврзувачки и ги повторува обврските што произлегуваат од договорот? Прво, дека терминот  nationality  се однесува исклучиво на државјанството и не го дефинира или сугерира прашањето на националноста. И второ, дека јазикот на нашите соседи, како што е споменато во договорот и е признат на конференцијата на ОН во 1977 година, припаѓа на групата јужнословенски јазици, рече Ципрас.

Грчкиот премиер во неговиот говор му се обрати на лидерот на Нова демократија и му одговори на неговите барања да не го донесе Договорот од Преспа по брза постапка во парламентот, му порача дека ќе има доволно време, иако за конкретното прашање веќе една година се дискутира, а воедно го повика и на ТВ дуел.

 

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ