
По 4-месечното бебе, заразено и 4-годишно дете во Тетово
4-месечно бебе од пред два дена е најмладиот пациент со Ковид 19 во Тетово и тетовско, а заразено е и 4-годишно дете, откако нивните родители биле позитивни на тестот за коронавирус. И денес во овој регион има 10 нови случаи, при што е регистриран нов кластер во општина Желино, додека останатите се од градот Тетово. Потенцијално ново жариште изминатиов период е општина Теарце, со 36 случаи. Поради постојаниот раст на случаите со Ковид 19 во овој регион се направени 200 теста во рамки на вонредниот скрининг кој се спроведува во соработка со матичните лекари, но се уште се чекаат резултатите.
На гостиварското подрачје има само еден новозаболен и тоа од село во Општина Врапчиште. Во трите општини моментално активни болни има вкупно 30 лица. Состојбата со ЈП „Комуналец” каде што беа откриени неколку позитивни случаи е нормализирана и работните обврски се одвиваат без застој, а поради превенција неколку лица се испратени во самоизолација. На денешниот состанок на Кризниот штаб беше одлучено дека освен полицијата и општински патролни екипи ќе контролираат дали и колку се користат маски во пропишаните услови и места.
Во тетовско-гостиварскиот регион вкупно 195 лица во изминатите 24 часа биле затекнати од полициските службеници без заштитна маска на лицето. За 134 лица на тетовското и 61 на гостиварското подрачје, изготвени се прекршочни платни налози, со што истите треба да платат по 20 евра.
Данијела Билбилоска