
Плати за ОТА од сметката на АЕК
Вработените во ОТА кои го спроведуваат следењето на комуникации треба да добиваат плата од буџетот на Агенцијата за електронски комуникации. Тие пари се прибрани од надоместоци кои ги исплаќаат телекомуникациските оператори, па така излегува дека телефонските компании сега ќе го финансираат прислушувањето за борба против тероризам и за обвинителски истраги. Според вицепремиерот за европски прашања, тоа треба да биде привремено решение.
Двата закони со кои се регулираше ваков трансфер на пари од АЕК кон ОТА се меѓу оние чии укази не ги потпиша Иванов, така да тоа решение уште не е во функција.
Димитриев како претседател на надзорната комисија денеска на вицепремиерот Османи му кажа што треба да се превземе за подобра контрола на прислушувањето. Реформите на безбедносните служби се во тек. Димитриев вели дека најголем проблем е тоа што на наследничката на УБК, новата Агенција за национална безбедност и се дава можност да има своја опрема за прислушување и да ја прескокне ОТА. Димитриев не сакаше да прецизира дали при посетата на УБК, утврдил дека таму има системи за следење комуникации.
Надзорната комисија досега не избрала експерти за техничка контрола на прислушувањето, но деновиве ќе изберат двајца експерти од седумина кои се пријавиле. Досега како пратеници вршеле надзор во ОТА, УБК, финансиската полиција и во царината и не забележале незакоснки дејства.
Миомир Серафиновиќ