
Платформа, кајчиња, викендица и маркици за хотели – жител на Глумово домаќин на Матка
Ист човек кој има дозвола за превоз на патници со чамци низ кањонот Матка, има легализирано две дивоградби во заштитениот појас на кањонот, покрај брегот на реката Треска за кои има добиено маркички за изградба на хотелски комплекс а во моментов чека на одговор за барањето за легализација на диво изградената платформа, поставена во близина на манастирот Свети Андреја.
Тоа е Амет Саиди од скопското село Глумово, кој според јавно достапните информации на Катастарот се јавува и како сопственик на два објекти на парцелата 1480 која се наоѓа во заштитениот појас на Кањонот, на потегот кон пештерата Врело. Според документите со кои располага Телма, објектите се легализирани во септември 2015 година а се впишани со маркичка Б4-6 која предвидува изградба на хотелски комплекс. Саиди благодарение на законот за легализација на дивоградбите поднел барање за легализација во надлежната Општина Сопиште и во елаборатот навел дека ја бара конкретната маркичка, која и му била одобрена. Објектите се легализирани бидејќи заштитеното подрачје на Матка не е мапирано и постои само на хартија.
Саиди е сопственик на фирмата „АЛМАТА ПРИМО“ која е единствена лиценцирана за такси превоз на луѓе долж кањонот. Фирмата е основана во 2009 година а Саиди станува сопственик и управител во 2013 година. Интересно е и што седиштето на фирмата е на адресата на планинарскиот дом на Матка каде функционира и ресторан. Тој беше посочен од градоначалникот на општина Сарај Блерим Беџети, како еден од сопствениците на дивоизградена платформа кој побарал легализација, за која најави дека ќе ја одбие.
Втората спорна платформа се води на лицето Исмаил Саиди за кое немаме податоци дали и како се роднински поврзани.
На потегот до пештерата Врело, има пет нови и луксузни викендички, со чардаци и летниковци а некои имаат и платформи за полесен пристап. Кои се сопствениците засега не е познато, но од слики и видео записи постирани на социјалните мрежи може да се забележи дека роднина на поглаварот на ИВЗ, често престојува во една од нив. Од јавно достапните инфромации во Катастарот може да се види дека дел од нив се легализирани во 2015 и 2016 година благодарение на Законот за легализација на дивоградби и дупките во Законот за заштита на природата. Досега надлежните институции, Министерството за транспорт и врски и Државниот градежен инспекторат не побарале информација од надлежната општина Сопиште, колку дозволи за легализација имаат издадено, во кој дел од заштитената зона и кому.
Огнен Чанчаревиќ