
Планинарски дом или манастирски конак на Матка, објектот го губат планинарите, а го „ќарува“ МПЦ
Чиј е планинарскиот дом на Матка. Федерацијата на планинарски спортови тврди дека и е одземен од МПЦ, потпомогната со погрешна одлука на катастар која судот ја потврдил. Нека докажат дека ставиле барем една цигла во домот, изјави Јовица Угриновски, прв човек на македонски планинари. МПЦ пак тврди дека сите документи се на нивна страна и дека ресторанот на Матка планинарската федерација го продала иако е на црковно земјиште.
Планинарскиот дом Матка ни е одземен со бирократски игри, обвинува федерацијата на планинарските спортови. Домот во чиј склоп се наоѓа и ресторан сега е во сопственост на скопската епархија на МПЦ. Планинарите пак тврдат дека уште од времето на Вардарска Бановина, со домот стопанисуваат планинарски друштва и љубители на природата. Грешката според нив е направена во катастар каде пред 50-тина години ги замениле парцелите на планинарскиот дом и блиската црква Свети Андреј.
Црквата припаднала на планинарскиот сојуз, а планинарскиот дом бил запишан на МПЦ. На крај преку денационализација, грешните парцели ги добива МПЦ, а катастарот во 2011-та ги заведува како сопственост на скопската епархија и тоа не како планинарски дом туку како манастирски конаци. Истото го потврдува и судот.
А планинарите бараат црквата да се откаже од објектот кој тие со децении го граделе.
„Македонската Православна Црква бараме во духот на православието, јавно да изјави, по кој основ бараат своја соптвеност врз Планинарскиот дом? Го добиле по пат на наследство, имаат извршено купо – продажба или го добиле на подарок и од кого? Повеќе од 75 години Матка е дом не само на регистрираните планинари и членки на Федерацијата, тоа е дом на сите вистински љубители на природата, планината и спортот. Црквата до сега нема ниту едно камче ставено во објектот, напротив сите планинари и верници се грижеа сиве овие години за околината и самата црква Св. Андреа. Федерацијата заедно со своите над 30.000 членови нема намера до попушти под притисокот на било која институција и било која функција, изјави Јовица Угриновски, претседател на Федерацијата на планинарски спортови на Македонија.
Од МПЦ ги негираат обвинувањата, велат дека федерацијата го продала ресторанот на Матка иако станува збор за објект изграден на земјиште во сопственост на црквата, а планинарскиот дом е даден на користење на планинарската федерација и не е нивна сопственост.
-Сите наводи на Федерацијата, која има добиено на користење недвижност и ја користи спротивно на Законот, е со цел да се стекне со имот сопственост на МПЦ. Треба да се знае дека манастирот „Свети Андреј“ е изграден во 14. век, целиот комплекс е од исклучителна историска вредност, и е со закон заштитен споменик на културата. МПЦ располага со докази за сопственост – Тапија од 1931 година, како и со Пресуди на надлежни судови и со Одлуки на надлежни државни орган, соопшти скопската Епархија на МПЦ.
Објектот на Матка е изграден пред Втората светска војна како дом за работници на хидроцентралата, па бил планинарски дом, напуштен за време на бугарската окупација, центар за бегалци од Егејска Македонија, па повторно даден на планинарскиот сојуз кој го одржувал и доградувал.
Миомир Серафиновиќ