
Планинарите против забраната за возина на Галичица
И оваа зима патниот правец од Трпејца до Отешево кој минува низ Националниот парк Галичица, ќе биде затворен за сообраќај до 1-ви април, односно нема да се одржува. Единствено од охридската страна возилата со вкупна тежина до 3,5 тони можат да соообраќаат само до месноста “Kорита”, информира АМСМ.
Забраната, која на сила стапи на 15 ноември, не е решение сметаат спортските планинари. Тие укажуваат дека последните години се поголем е бројот на туристи кои во Охрид доаѓаат токму заради убавините на Галичица, што е причина повеќе надлежните институции конечно да изнајдат решение за одржливо искористивање на природните потенцијали на оваа планина и во зимски услови.
Надлежните служби задолжени за одржување на патиштата децении наназад уверуваат дека не постои економска оправданост да се одржува овој патен правец во зима бидејќи многу малку се користи. Посочуваат дека тој е небезбеден и сериозно оштетен, а за да се поправи потребна е голема инвестиција. Општина Охрид во јануари оваа година најави дека се подготвува план кој ќе биде изложен пред државните институции со цел регионалниот пат преку планината Галичица да биде ставен во функција и преку зимата, но засега од тоа нема ништо.
Горан Момироски