
Писмото на Јанева, спас за предметите или карта за излез од притвор?
Петок е денот кога истекува законскиот рок во кој
Републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески мора да донесе одлука околу
писменото барање на притворената шефица на СЈО, Катица Јанева, за трансфер на
предметите од Специјалното во јавното обвинителство.
Останува дилемата дали со овој потег Јанева сака да ги спаси предметите и
истрагите од згаснување и застарување или пак се обидува да се спаси себе си од
притвор.
Засега од Обвинителството молк, ниту кога ниту каква ќе биде одлуката.
Доколку Јовески ги прифати барањето на Јанева тоа ќе значи дека обвинителите од СЈО остануваат без работа но предметите без разлика во која фаза се, судски процес истргата или предистрага продолжуваат.
Судските процеси ќе продолжат но со нови обвинители, а истрагите ќе ги превземат тимови од јавното обвинителство. На ова може да се додаде и можноста дека доколку се усвои предлог законот на Владата и СЈО се фузира со Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција предметите да останат кај истите обвинители од СЈО.
За Фатиме Фетаи клучно е предметите и истрагите да продолжат без разлика кој обвинители ќе ги води или ќе го застапува обвинението и со тоа да се спречи обидот на некои политичари да избегнат кривична одговорност.
Премиерот Зоран Заев пак изјави дека без разлика дали ќе се постигне договор со опозицијата или не предметите на СЈО одат во јавното обвинителство, а потегот на Јанева нема да влијае врз преговарачкиот процес.
За опозициската ВМРО – ДПМНЕ барањето на Јанева е доказ за координацијата меѓу власта и СЈО и нивната паника. Оттаму сметаат дека има простор за договор во преговорите но само доколку нема заткулисни игри како што го оценуваат писмото на Јанева.
Експертите брифираат дека барањето на Јанева може да има и друга цел. Според нив доколку Јовески прифати и предметите на СЈО прејдат во рацете на јавното обвинителство, тогаш се укинува една од трите причини поради кои и е одреден притвор. Таа нема да може да го повтори делото а дискутабилна ќе биде можноста и да влијае врз сведоци, освен во постапка врз неа, со што цврста останува само опасноста од бегство и со самото тоа се отвара можноста да бара укинување на притворот и замена со куќен.
Тие нагласуваат дека дилеми околу легалноста на барањето на Јанева нема бидејќи се додека таа е шеф на СЈО и се додека Советот на обвинители не ја разреши таа има ингеренции да достави вакво барање бидејќи во моментов и е ограничено само движењето и контактот со луѓе ане и носење на одлуки.
Огнен Чанчаревиќ