
ПИОМ: Нема изгубени податоци за стаж, компаниите не ги доставиле
Фондот за пензиско осигурување по два дена се огласи во врска со ревизорскиот извештај во кој стои дека ПИОМ исплатил 4 милиони евра на починати лица, и изгубил документи за стаж на над 4.200 осигуреници. Велат дека со написите се дава погрешна слика на работењето и угледот на Фондот.
По однос на наводите дека Фондот на ПИОСМ исплатил речиси 4 милиони евра на починати лица, е непотполна информација, бидејќи износот од 241,604 илјади денари е износ за евидентираните побарувања од 2007 година заклучно со 31.12.2018 година. Фондот на ПИОМ, за надминување на овој проблем, во 2016 година склучил Договор за електронска размена на податоците за починати лица со Управата за водење на матични книги, објаснува Фондот за ПИОМ.
Фондот вели дека не ги изгубил податоците за осигуренците, туку компаниите не ги доставиле до нив. Велат дека е мал бројот и нема потреба од загриженост кај осигурениците.
Кај одредени осигуреници нема утврдени периоди на осигурување поради тоа што одредени обврзници за пријавување на податоци не си ја завршиле законската обврска за доставување на истите во тековната година за претходните години. Исто така, истите не ја предале документацијата во Државниот архив на РСМ. Ова е многу мал број и нема потреба за загриженост кај осигурениците, објаснуваат од ПИОМ.