Пијан возач „уби“ полицаец- татко на 6-годишно дете и повреди уште 4 луѓе во Куманово

Со мерцедес се залетал и прегазил двајца полицајци на задача. Инцидентот заврши и со човечка жртва, загина 37-годишниот полицаец Виктор Цветковски. Возачот избегал од местото, а потоа направил уште една сообраќајка со повредени. Возачот (40-годишна возраст) е повреден и уапсен откако не можел да избега од местото на втората сообраќајна несреќа.

Полицаецот Виктор Цветковски е женет и татко на 6-годишно дете. Важел за професионалец и бил назначен за ментор на полициските практиканти. Вчера тој заедно со 27-годишен полицаец практикант бил на повик на поплака од граѓанин во кумановската населба Ајдучка Чешма. Откако ја завршиле задачата се движеле кон возилото, но ги покосил возачот со мерцедес.

Тој избегал, но само еден километар подолу по патот предизвикал нова сообраќајна несреќа во која тешко се повредени уште тројца патници во автомобил шкода на возраст од 34 до 52 години. Прегазениот полициски практикант и тешко повредена жена од шкодата се префрлени на клиниките во Скопје поради тежината на повредите.

Возачот кој ги предизвикал двете несреќи е во кумановската болница заедно со уште двајца повредени. Според првичните информации возачот бил под дејство на алкохол, а во полицијата има кривично дело за имотни деликти и шверц.

На случајот работи обвинителството и полицијата.

Телеграма со сочувство до сопругата и детето на загинатиот полицаец упати министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

Миомир Серафиновиќ

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ