Петмина загинати во сообраќајка на влезот на Драчево

Во патничкото возило „Рено 5“, имало пет патници. Дваесет минути пред полноќ – Реното од непознати причини преминало на спротивната лента од улицата. Се судрило со камион за носење отпад, со марка Мерцедес. Возилата рано утрината се тргнати од местото на несреќата, но делови и предмети се уште се на асфалтот и сведочат за случката на полноќ.

„Овде на патот кој води према населбата Драчево се случи тешката сообраќајна несреќа. Поради пребрзо возење се судриле автомобил „Рено“ камион за превезување ѓубре кој најверојатно се движел кон депонијата Дрисла. На лице место на несреќата починале три од патниците, а двајца починале на скопските клиники.“

Брзата помош и полицијата веднаш пристигнале на местото кај влезот на населбата Драчево. Лекарите утврдиле смрт кај тројца од петмината патници со Реното. Другите двајца ги однеле во болница, но таму не успеале да ги спасат.

Возачот на камионот преживеал. Со повреди е однесен во болница.

„Во раните утрински часови односно околу еден часот после полноќ примен е пациентот од сообраќајната незгода што се случила кај Драчево – со повреди, контузија на глава, на врат и на градниот кош. Направени се потребните лекарски прегледи, сликан е пациентот. Не се најдени некои повреди, опсервиран е до сабајлево до утринските часови и бидејќи немало никакви проблеми пациентот е пуштен на домашно лекување во добра општа состојба.“ кажа Проф. Д-р. Иван Спировски, директор на ЈЗУ Универзитетска Клиника по Хируршки Болести „Св.Наум Охридски-Скопје“.

Увидните екипи на полицијата и на Обвинителството до раните утрински часови правеа увид и прибираа докази.

Телата на починатите патници по наредба на Јавен обвинител се предадени на обдукција.

Петар Догов

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ