
Петмина скопски адвокати во игра за тронот на адвокатот на Груевски
Петмина адвокати од Скопје засега се појавуваат како кандидати за нов претседател на адвокатската комора. Најсериозен кандидат во кулоарите е поранешен министер за внатрешни работи. Досегашниот претседател Никола Додевски, еден од адвокатите на Никола Груевски, најавил дека не е заинтересиран за нов мандат.
Син и ќерка на познати адвокати, поранешен министер и двајца адвокати често присутни во јавноста со критики за политичките проблеми во правосудството. Вкупно петмина адвокати веќе лобираат или имаат поддршка за да бидат избрани за претседател на Адвокатската комора на Република Македонија. Нов претседател на комората ќе биде избран наредниот викенд во Струга.
Досегашниот претседател на комората Никола Додевски, познат во јавноста и како адвокатот на Груевски, бидејќи во почетокот ги застапуваше не само екс премиерот туку и сите осомничени од СЈО, си кажал дека не е заинтересиран за нов четири годишен мандат. Од она што досега е познато во адвокатските кругови, петмина адвокати се во игра за престолот на Додевски. Станува збор за Љубомир Михајловски-Џанго, Александар Тортевски, Наташа Трпеновска Тренчевска, Димитар Панчевски и Звонко Давидовиќ.
Како најсериозен кандидат се спомнува Михајловски, кој е поранешен припадник на МВР, а беше и министер за внатрешни работи од СДСМ до 2006-та. Во телефонски разговор ни потврди дека има делегати кои се заинтересирани и кои пружаат поддршка за идејата тој да ја води комората, бидејќи е постар адвокат и не е член на политичка партија.
Звонко Давидовиќ исто така ни потврди дека има поддршка од неколку делегати. Тортевски пак постојано е во игра при изборите за претседател на комората и во Струга ќе се види дали има делегати кои се за него. Димитар Панчевски е кандидат подржан од младите колеги, а е син на адвокатот Игнат Панчевски.
Единствената жена која се спомнува за претседател е Наташа Трпеновска Тренчевска, која има 23 годишен стаж во адвокатурата и била дисциплински обвинител во комората.
Изборот ќе се одржи во Струга, а покрај нов претседател ќе биде избран откако ќе биде избран нов Управен одбор. Одборот се бира од страна на избраните делегати од адвокатските заедници, а делегатите веќе се избрани иако има критики дека изборот во повеќе зедници не бил извршен со кворум, односно од доволен број на адвокати.
Никола Додевски беше избран пред 4 години во Кичево, стручен адвокат со многу странски обуки, но беше посочуван и како адвокат кој има врски со екс премиерот Груевски, а има и солидни тезги во државните институции и јавни претпријатија. За неговиот наследник главна задача ќе биде враќањето на довербата кон адвокатите кои добија дури овластувања и за испраќање на платни налози до граѓаните кои ги креваа нивните долгови.
Новото раководство на комората ќе треба да провери и што е сработено финансиски во изминатиот период, и да им даде поддршка и на колегите во помалите градови кои се надвор од случувањата во правната сфера сконцентрирана во Скопје.
Миомир Серафиновиќ