
Петков: Македонија има историска шанса годинава да почне преговори со ЕУ
Бугарија ги поддржува напорите на Владата на премиерот Зоран Заев, на институциите, граѓанскиот сектор и медиумите, за Македонија да се врати на патот за евроатлантските интеграции, порача денеска бугарскиот амбасадор во земјава Иван Великов Петков презентирајќи ги приоритетите на бугарското претседателство со ЕУ.
– Вчера слушнавме охрабрувачка порака во Давос на средбата на премиерот Зоран Заев со грчкиот премиер Алексис Ципрас што ги зголеми надежите за решавање на спорот со името, рече Великов Петков.
Според него, Македонија има историска шанса да ги почне преговорите со ЕУ оваа година.
– Западниот Балкан е централен приоритет на бугарската надворешна политика и клучен приоритет на бугарското претседавање. Убедени сме дека ЕУ треба да ја потврди европската перспектива на сите земји од Балканот и да ги поттикне за проевропски реформи, рече вугарскиот амбасадор.
Оцени, меѓутоа, дека треба и да се препознае заморот од проширувањето на ЕУ и кај земјите членки, но и кај земјите аспиранти.
– Убедени сме да работиме со Западен Балкан, нивното место е во ЕУ. Во спротивно, ризикуваме нестабилност. ЕУ од друга страна треба да го поттикне политичкиот дијалог, да работи со владите за креирање работни места, инфраструктурно поврзување меѓу земјите, стимулирање на реформите и помирување, рече Великов Петков.
Бугарскиот амбасадор заклучи дека на Западен Балкан му треба јасна европска перспектива и амбицијата на бугарското претседавање е да се има јасен акциски план без да се креираат нереални очекувања, туку конкретни чекори.
Бугарското претседавање со Советот на ЕУ има четири клучни приоритети – иднината на ЕУ со фокус на економскиот развој, фокусот на Западен Балкан, сигурноста и безбедноста и дигиталната економија.