
Пет жени му судат на Мијалков за Трезор-тој со адвокати и обезбедување си замина од судот
Првото рочиште за случајот Трезор на СЈО се одложи поради отсуството на Горан Грујовски, второобвинет за злоупотреба на службена положба.
На рочиштето беа присутни останатите тројца обвинети, Сашо Мијалков, (првообвинет и екс директор на УБК); Небојша Стајковиќ (третообвинет и поранешен помошник-министер во МВР) и Тони Јакимовски (4-то обвинет и поранешен началник во Управа во УБК).
Наспроти обвинетите седнаа 5 жени, две судијки и три судијки-поротнички кои ќе го водат судскиот процес. Беше одлучено рочиштето да биде одложено бидејќи се уште е во тек екстрадиционата постапка за Горан Грујовски од Грција, односно неговите адвокати поднесоа жалба до Врховниот суд во Атина и ја обжалија првостепената одлука за екстрадицијата, одобрена на 5-ти јануари оваа година во солунскиот Апелационен суд.
СЈО беше претставено од тројца обвинители, кои се сложија со новиот датум за судење на 29-ти март. Внатре не беше дозволено снимање на телевизиските камермани бидејќи рочиштето бргу заврши.
Веднаш по одложеното рочиште, екс директорот Мијалков излезе од кривичниот суд во Скопје, со своето обезбедување доделено од МВР и со сите адвокати кои учествуваат како бранители во процесот на тројцата присутни обвинети.
Обвинетите се товарат дека во период од 2010-та до 2014-та реализирале зделка преку компанијата Финзи, преку која од британската компанија Гама е набавена опрема и софтвер за следење на електронски комуникации. Покрај тоа било платено и за одржување на купениот систем кој според оценките на СЈО бил застарен. Вкупната штета е пресметана на околу 285 илјади евра (над 17,5 милиони денари).
Набавката првин ја договориле Мијалков, Грујовски и Јакимовски, но наместо директно да се договорат со компанијата Гама, во игра (2010-та година) била уфрлена македонската фирма Финзи чиј управител бил братот на Небојша Стајковиќ.
Финзи на застреланиот Крпач-мистерија за американскиот регистар
Подоцна во Финзи како управител е запишан Коста Крпач, кој мистериозно се самоуби во својот дом во април 2016-та. СЈО по смртта тврдеше дека Крпач бил нивен сведок во повеќе случаи и дека се жалел дека е под закана. По трагедијата на Крпач, МВР го раскина договорот со Финзи.
Инаку, Финзи во Македонија е основан од компанија основана во САД со исто име, иако СЈО во обвинителниот акт посочува дека Финзи е „правно лице кое воопшто не постои во регистарот на правни лица во САД“.
И со таков статус, македонското Финзи сепак било избрано да работи и да набавува опрема за УБК. Истрагата за смртта на Крпач се уште е отворена, а првично беше заклучено дека станува збор за самоубиство.
Стајковиќ заедно со Јакимовски-иако имаат судска забрана за контакти?
Двајцата обвинети Тони Јакимовски и Небојша Стајковиќ по одложеното рочиште веднаш заминаа од судот, излегоа на предниот влез но веднаш заминаа кон задната страна на судот.
Во списите на СЈО за обвинението (линк) стои пак дека за Стајковиќ е одобрена судска мерка „Забрана за приближување или воспоставување, односно одржување контакти или врски со обвинетите С.М., Г.Г. и Т.Ј“, но тој си замина заедно со 4-то-обвинетиот.
Претставниците на СЈО се задржаа подолго но ниту тие како и обвинетите не дадоа изјави за медиумите, зошто не се бара раздвојување на постапката на оние обвинети што се тука и на посебна постапка за Грујовски кој е во грчки затвор и чека испорачување во Македонија или прифаќање на неговата жалба.
Миомир Серафиновиќ