Пет од поранешните членови на ДИК побарале апанажа

Петмина од досегашните членови на ДИК поднеле барања за апанажа. Тоа значи дека, уште една година ќе земаат државни плати од над илјада евра. Меѓу нив се досегашниот претседател Александар Чичаковски, Виолета Дума и Игор Милев кои беа членови од СДСМ, Субхи Јакупи од ДУИ, како и Силвана Бонева од ВМРО ДПМНЕ.

Апанажа не бараат Сашо Срцев од ВМРО ДПМНЕ и независните експерти-членови, Реџеп Прекопуца и Атанас Урумов. Тројцата се враќаат на работните места на кои биле пред да станат членови на ДИК, Срцев како државен советник во Министерството з атранспорт и врски, Прекопуца во Собранието, а Урумов во подрачната единица на ДИК во Гевгелија.

Чичаковски, кој на позицијата претседател на ДИК дојде од позицијата стручен соработник во Основен суд Скопје 2, не барал во меѓувреме да му мирува работното место, а  апанажа ќе зема додека не и се врати на адвокатурата. Јакупи, пак, вели дека, апанажа побарал затоа што нема каде да се врати.

Поранешната судијка Виолета Дума, на позицијата член на ДИК дојде од адвокатурата. Таа уште во 2015-та ги исполни условите за пензија, но не се пензионираше. Сега бара апанажа. Милев, пак, дојде во ДИК од позицијата адвокат во сопствена адвокатска фирма. Бонева претходно во неколку мандати беше пратеник во СОбранието, а оттаму и дојде за член на ДИК.

Барањата за апанажа ги поднеле пред еден ипол месец, но се уште не е одлучувано по нив, од причина што собраниската Комисија за избори и именувања, што треба да ги одобри, е блокирана поради бојкотот на ВМРО ДПМНЕ. Апанажа им следува на сите избрани и именувани лица, на кои работниот однос не им е во мирување и во моментот кога ја напуштаат функцијата, немаат работен ангажман.

Во меѓувреме, Државната изборна комисија, која сега брои само еден член, откако другите си дадоа оставки, а нови не се избрани, денеска, на глобалниот Ден на изборите,  ги отвори вратите за граѓаните. Изјавија дека, стручните служби и Општинските изборни комисии се подготвени за евентуален референдум или избори, иако недостига главната алка- членовите. Огласот за нови членови сѐ уште не е распишан, а нивниот избор го врши Собранието.

Далиборка Демјанска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ