
Пет објекти изгореа во голем пожар во тетовски Вејце, повредени четири лица
Пет објекти изгореа во голем пожар што вчера попладне се случи во тетовското село Вејце. Опожарени се две семејни куќи и три штали во кои имало добиток, а притоа има и четири повредени лица. Во гаснењето учествувале и мештаните заедно со тетовските пожарникари, на кои им биле потребни неколку часа да го ликвидираат огнот, а работата дополнително им ја отежнувал силниот ветер.
– Интервениравме со 2 возила и 7 пожарникари. По пријава дека гори една плевна, додека одевме кон селото, ни јавија дека поради силниот ветер огнот зафатил уште неколку објекти. Но, кога стигнавме до селото поради тесните улици не можевме да се пробиеме со големите цистерни. Огнот беше многу силен, гореа три плевни и штали полни со сено, добиток и со многу други работи, а беа зафатени и две куќи. Силниот ветар кој тогаш дуваше уште повеќе ја усложнуваше состојбата и постоеше опасност пожарот дополнително да се прошири, рече Ука Алити, командир на ТППЕ Тетово.
Медицински тимови на самото место им укажале помош на повредените лица.
Според првичните проценки, во пожарот настанала голема материјална штета и изгорел дел од добитокот кој бил во шталите.
Даниела Билбиловска