
Пешевска: Не чувствувам вина за 27-ми април – Апелација и ја одби жалбата
Апелација ја одби жалбата на Пешевска, останува во домашен притвор.
Одлуката беше денеска откако пратеничката Жаклина Пешевска побара од апелационите судии да и го укинат куќниот притвор. Ги уверуваше дека не планира да бега и ги понуди двата пасоши. Не можам да го повторам делото затоа што не сум го ни сторила рече пратеничката осомничена во истрагата за „Крвавиот четврток“ која наведе дека поради определената мерка не може да се грижи за болните свекор и свекрва ниту за здравјето на малолетни деца.
Во животот немам сторено ниту едно кривично дело, најмалку терористичко. Не ги загрозив животите на пратнеиците и на граѓаните. Со моето лишување повреден е уставот. За полицајците кои дојдоа утрото кај мене не важеше мојот пратенички имунитет. Со лисици ме држеа 16 часа во суд за на крај да кажат дека не може да ми направат распит, кажа Жаклина Пешевска.
Нејзиниот адвокат Боро Тасевски на јавната седница рече дека освен приведување за кое се произнесе и народниот праовбранител, направени биле и други повреди поради кои Апелација треба да ја укине одлуката. Според него во решението за куќниот притвор судот не ги навел доказите од кои произлегува основаното сомнение за Пешевска, а тој како адвокат не го добил ниту предлогот за продолжување на мерките.
Пешевска минатата недела даде и исказ во обивнителството за организиран криминал. Им биле презентирани снимките од Собранието што ги објави Телма, но според адвокатот таа била присутна во холот на Собранието во моментот кога влегуваа демонстратните затоа што е пратеник.
Вишата обвинителка на денешната седница побара жалбата да се отфрли и Пешевска да остане во домашен притвор затоа што не е ништо променето од првиот пат кога е определена мерката. Рече дека со приведувањето не била повредена европската конвенција. Ги негираше тврдењата на Пешевска и рече дека на членовите на нејзиното смеејство им била овозможена потребната медицинска помош.