Пензиската дупка расте – ако не се зголеми старосната граница, да се намали сивата економија

Неколку опции постојат за излез од кризата на Пензискиот фонд, сугерираат експертите, но една од најбезболните е државата што побрзо да се справи со сивата економија, односно придонеси за пензиско да плаќаат сите газди што вршат дејност и вработуваат. За Фондот за ПИОМ мора да се бара солуција, особено откако и најновиот извештај на Министерството за финансии покажа дека неговата дупка во првото полугодие од годината се зголемила за 7,6 милиони евра, и покрај тоа што од основиот буџет на државата се префрлиле дури 239 милиони евра во пензиската каса. Познавачите се децидни дека оваа состојба на долг рок е неодржлива, бидејќи станува збор за ерозија во финансискиот систем на државата.

„Мислам дека се уште постои простор во делот на намалување на сивата економија, опфат на поголерм број луѓе во пемнзискиот систем преку плаќање на придонеси, и зголемувањето на пензиите да не го следи она стампедо на зголемување без потреба за политички цели, туку само евентуалниот раст на платите, тоа би било логично решение. Преку зголемување на платите, исто така, ќе се слее поголем износ на приходи во пензискиот фонд“, вели Павле Гацов, даночен експерт.

Состојбата би можела да се подобри и доколку се отворат поголем број работни места во земјава, тоа ќе ги зголеми приходите од придонеси во Фондот,

Владата најави дека нејзината стратегија за решавање на проблемите во Пензискиот систем ќе биде готова уште во март, но засега, вели Гацов, се уште не гледаме ниту насока во која би се движела таа реформа. Она што власта го тврди, е дека во никој случај нема да дојде до зголемување на старосната граница за пензионирање, како што во повеќе прилики порача ММФ.

„Тоа е секогаш опција, во онаа математичка смисла дека ќе се обезбеди извесна релаксација на Фондот. Но, прашање е на социјална димензија и на политичка можност, така што сметам дека во Македонија во овој момент не е извесно дека ќе има такво решение. Ако се споредиме со западните земји, Германија и Шведска, каде се оди на зголемување на тој стаж, мора да се земе предвид дека во тие земји животниот век е значајно поголем“, вели Гацов.

Една од можностите е и зголемување на стапката на пензиски придонес, која кај нас е 18 отсто и е межу пониските во регионот, во споредба со Словенија, на пример, каде стапката е 24,35 проценти. Но, според Гацов, на тоа решение веднаш би се спротивставила бизнис заедницата.

Граѓаните децидно против подоцна заминување во пензија, велат, државата да си ги лови тие што не плаќаат пензија.

Светска банка подготвува преглед на јавните финансии во земјава, кој ќе биде објавен наскоро, а во кој еден дел ќе се однесува на пензискиот систем на земјава.

Нина Нинеска-Фиданоска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ