Пензионерите нема да мора да се регистрираат во УЈП преку комјутер

Утре Управата за јавни приходи ќе соопшти како на пензионероите ќе им го олесни регистрирањето во системот за персонален данок. Детали не се откриваат, но Телма дознава дека тие ќе немаат обврска електронски да се регистрираат, бидејќи најголемите нивни поплаки беа дека не знаат да користат комјутер и нема да можат да се снајдат во постапката.

Во меѓувреме, пензионери за Телма реагираа дека се болни и тешко се движат, но кога побарале од УЈП во регистрацијата да им помогнат нејзините мобилни екипи, добиле одговор дека во моментов такви немаат, и најдобро е постапката да ја завршат преку нотар.

Од УЈП велат дека нивните мобилни екипи се ставени на целосна услуга на граѓаните, такви се 7 на територијата на Скопје, а по потреба се мобилизираат и други тимови. Сепак, бидејќи има многу барања, не може да им се одговори на сите во истиот момент.

„Предвидено е мобилните екипи да ги посетатат лицата кои од здравствени причини се попречени лично да се пријават во даночните канцеларии на УЈП. Нашите тимови прават распоред и во разумен рок, со претходна најава, мобилните екипи ќе ја извршат регистрацијата во нивните домови“, велат од Управата за јавни приходи.

Телефонот на кој треба да се јават 0800 3000 е бесплатен, од УЈП ги повикуваат сите кои не можат лично да се пријават во даночните канцеларии, навреме да се обратат во контакт центарот, за да може да се одговори на нивните барања.

Пензионерите, пак, со кои Телма разговараше, не се многу информирани. Разбрале дека за нив ќе има олеснување и очекуваат државата да им излезе во пресрет.

„Јас сум пензионер и не знам што треба да направам, преку комјутер не работам, жената не можам да ја носам, ја болат нозете“, вели еден пензионер.

„Не се регистрирав и нема да се регистрирам, така затоа што не сакам“, вели друг.

„Не се регистрирав, па нели за нас пензионерите не важи. Ако дадат олеснување добро, ако не, тоа е“, вели пензионерка.

„Не знам преку компјутер, ќе видам дали ќе можат децата да ми помогнат, ако не, ќе си појдам таму“, вели пензионер.

На околу еден месец до крајниот рок, граѓаните си ја знаат обврската, некои биле, други велат, набргу велат ќе го сторат тоа, но дел бараат државата да не мисли само како да собира пари.

„Да, бев, уше кога излезе законот, си ја завршив обврската“, вели граѓанин.

„Знам, ќе одам, мислам дека утре ќе одам“, вели граѓанин.

„Државата да не мисли само како да собира пари, туку да дојде на пазаров, да види како граѓаните преживуваат“, вели продавачка на пазар.

Досега на системот е-Персонален данок се регистрирале над 270 илјади граѓани. За УЈП овој број е задоволитетелен. Досега за годишни даночни пријави се пријавуваа по околу 450 илјади лица. Од Управата велат дека неодамна е направена и оптимизација на системот, со што е овозможена масовна регистрација на даночните обврзници.

Нина Нинеска-Фиданоска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ