
Пензиите ќе растат само колку и животните трошоци, пензионерите револтирани, се топи ли растот на пензиите?
Се скусува ли растот на пензиите со новата пензиска реформа која стартува од годинава? Наместо како порано, кога пензиите се усогласуваа половина сперед растот на платите и половина со трошоците на живот, со законските измени изгласани на крајот на 2018, усогласувањето ќе се врши само со животните трошоци, два пати во текот на годината. Доколку економијата порасне, пак, за над 4 отсто, во април ќе има додатно усогласување. Пензионерите револтирани, велат дека на овој начин пензиите ќе растат минимално, многу помалку од досега, а тоа особено ќе ги погоди оние со ниски пензии, кои ќе дојдат под нивото на социјалната помош. Од вкупно 320 илјади пензионери, дури 170 илјади имаат пензија под просечната, а околу 80 илјади примаат пензија под 9 илјади денари.
„Ако социјалната помош сега ќе достигне 11.700 денари, а има пензионери, и тоа голема група, што земаат под 9000 денари пензија, не може човек што работел толку години сега да има помала пензија од примателите на социјална помош. Тоа ќе ги погоди оние со ниски примања, просечната пензија сега е 14.500 денари, и 170 илјади пензионери ќе бидат погодени на овој начин. Сега оние што добиваат поголеми пензии ќе имаат поголемо зголемување“, вели Драги Аргировски, претседател на Здружение на пензионери на Македонија.
Лани трошоците на живот пораснале за 1,5 отсто, овој процент би бил основа за зголемувањето на пензиите, а платите кои пораснаа за 5 и пол проценти, сега нема да влезат во пресметките. Пензионерите велат дека новиот модел ќе го зголеми јазот меѓу нивните примања, оние со најниски можат да станат социјални случаи. Затоа, иако нема да протестираат, од владата ќе бараат за пензионерите со најниски пензии да има вонредно зголемување.
Министерката Царовска, пак, тврди, реформата била неопходна за да се стабилизира Пензискиот фонд, кој има огромна дупка, и да се обезбедат пензии и за идните генерации. За овој проблем Светска банка барала растот на пензиите целосно да замрзне, и во пензија да се оди дури на 67 години, наместо на 62 и 64 како сега. Ние тоа успеавме да го избегнеме, вели министерката. Нагласува – никому ништо не му е ускратено, а пензиите растат постојано.
„За да не мораме да ја поместиме границата на 67 години и да не се замрзнат целосно пензиите. Опциите беа тие, избравме средна варијанта. Стабилизацијата некаде мораше да се случи“, вели Мила Царовска, министерка за труд и социјална политика.
Таа вели дека опозицијата, која ја критикуваше оваа новина, го укинала законското усогласување и пензиите ги зголемувала паушално, само еднаш годишно, или по потреба, пред избори. Пензиите, нагласува, од 13 илјади и 750 денари во 2016, лани достигнале над 14 илјади и 400 денари.
Нина Нинеска-Фиданоска