Пендаровски во Белград на средба со Вучиќ

Претседателот Стево Пендаровски денеска и утре престојува во официјална посета на Република Србија, каде што ќе биде пречекан со највисоки државни и воени почести од претседателот на Република Србија Александар Вучиќ.

Пендаровски ќе има тет-а-тет средба со српскиот претседател Вучиќ во Палата Србија во Белград, по што ќе следува и пленарен состанок меѓу делегациите на двете земји.

Претседателот Пендаровски, како што најавуваат од неговиот кабинет, ќе има средба и со претседателката на Владата на Република Србија Ана Брнабиќ и со претседателката на Народното собрание на Република Србија Маја Гојковиќ.

Во рамките на официјалната посета, Пендаровски ќе има средби и со претседателот на Стопанската комора на Република Србија Марко Чадеж и со српски стопанственици.

Пендаровски утре во Нови Сад ќе учествува на 4. Регионален младински форум и ќе се обрати на претседателската панел-дискусија „Обраќање на младите пред претставниците на влаcта: презентирање на политичкиот дијалог пред милениумците“, заедно со претседателот на Република Србија Александар Вучиќ и претседателот на Република Словенија Борут Пахор.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ