
Пендаровски се залага за отворени листи и помал број изборни единици
Измени на Изборниот Законик, отворени листи и намалување на бројот на изборни единици. Претседателот Пендаровски упати повик до политичките партии да ја прифатат иницијативата на помалите партии и да го реформираат изборниот модел со што граѓаните ќе имаат можност да избираат не само политички партии, туку и поединечни кандидати. Претседателот Пендровски смета дека демократскиот развој, еднаквоста, владеењето на правото и фер и демократски избори се важен фактор за просперитетот на нашата земја, велат од неговиот Кабинет.
„Поаѓајќи од неговите заложби во изборната програма, претседателот Пендаровски смета дека во Република Северна Македонија треба да има помал број на изборни единици, без праг или со минимален праг на потребни гласови, а во функција на проширување на политичкото претставување во Собранието на Република Северна Македонија“, соопштуваат од Кабинет на Пендаровски.
Иницијаторите за измени на Изборниот законик се надеваат дека ќе добијат подршка во Парламентот, а помалите партии повеќе нема да бидат привезок на поголемите.
Владејачките партии го подржуваат пропорционалниот изборен модел со отворени листи што е и препорака од ЕУ и ОБСЕ /ОДИХР, но за тоа велат е потребен широк политички консензус. ВМРО – ДПМНЕ се уште нема изградено став.
Се очекува во наредните денови партиите да отворат дебата за ова прашање и да донесат конечен став дали се за или против отворени листи и помал број изборни единици.
Јулијана Пешевска