Пендаровски резервиран кон политичките номинации за амбасадори

Шпреса Јусуфи за Приштина, Рами Реџепи за Рим, Виктор Габер за Атина, Данчо Марковски за Тирана, Паскал Стојчевски за Хаг, Емил Кирјаз за Обединети Нации, Сашко Тодоровски за Прага…

Долга е листата со шпекулации за пополнување на празните 25-6 амбасадорски места. Во Владата молчат за незавршената постапка за утврдување на предлог листата, ако се изземе потврдата на премиерот Заев дека занекои имиња вистина се разговарало. Претседателот Стево Пендаровски вели дека имал неколку средби со министерот Димитров и дека успеале да утврдат листа со квалитетни кадри. Но, постапката не почнала поради резервата на шефот на државата кон политичките номинации.  Дополнително, има предвид дека процесот на прифаќање на амбасадор од земјата домаќин и тукашната постапка, која вклучува и сослушување во Собраниската Комисија за надворешни работи, трае околу три месеци, што се преклопува со Пржинската предизборна Влада.

Пендаровски не сака да ризикува повлекување на веќе номинирани амбасадори, доколку на изборите во април победи друга политичка опција. Тоа би било повторување на случајот со Александар Николовски, кој беше предложен за амбасадор во Брисел непосредно пред изборите во 2016-та. Претседателот на собраниската комисија Антонијо Милошоски вели дека тој ќе закаже седница веднаш штом ќе добие листа со предлог-амбасадори. Ја повторува пораката што ја изнесе и на собраниската говорница: тоа не се прави во предизборен период.

Најбрзо би одела постапката за назначување амбасадори во меѓународни организации, бидејќи за нив не се потребни агремани. Но претседателот Пендаровски смета дека за нив, како и за избор на амбасадори во значајни центри како Вашингтон, не треба да одлучува една партија. Неофицијално, ДУИ не отстапува од предлогот Теута Арифи да биде амбасадор во САД, што ги подгрева шпекулациите дека застојот во назначувањето амбасадори се должи на несогласувањата меѓу СДСМ и ДУИ во кадровската политика.

Соња Николовска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ