
Пендаровски: „Рекет“ круцијален тест, не смеат да се толерираат никакви странични влијанија
Аферата „Рекет“ е круцијален тест за системот на правната држава и треба да се реши темелно до крај не заради Европа, туку, пред с, заради нас самите. Не смееме да ги толерираме евентуалните странични влијанија без разлика од која страна доаѓаат.
Ова е порака што денеска ја испрати претседателот Стево Пендаровски на Третата пленарна сесија на Националната конвенција за Европската унија во Република Северна Македонија, што се одржува во Собранието.
Како разочарувачка тој ја спомена состојбата што од осамостојувањето на земјава до денес има многу малку пресуди за случаи за висока корупција и изречени соодветни санкции. – А сите знаеме дека такви злоупотреби има многу. Овој факт говори дека високиот криминал и корупција биле прикривани и сме етаблирале култура на неказнување, рече Пендаровски и додаде дека секаде каде што има политички мешања во бизнисот, економијата трпи, малкумина се богатат под сомнителни околности, а народот страда.
-Треба да им дадеме максимална поддршка на нашите институции во борбата против корупцијата, со цел културата на неказнивост да стане минато, истакна Пендаровски.