Пендаровски победи во Скопје, загуби на истокот, ја доби Западна Македонија

Калкулаторот на државната изборна комисија застана на 58.499 ливчиња повеќе на контото на претседателскиот кандидат и иден претседател Стево Пендаровски од преборјани 844.360 гласови или 100 проценти. Во градот Скопје ако се брои според освоените општини Силјановска за разлика од првиот круг кога извади нерешено, сега Пендаровски победи во 6 од 10 општини. Општина Бутел му припадна нему, но со само 22 гласа разлика. По, бројот на гласови, Пендаровски од негатива 664 гласови, синоќа победува со 11.494 гласови на ниво на Скопје. Огромна предност, со излезност од 28,75 отсто во скопски Сарај, Пендарвоски добива 8.217 гласови, а Силјановска останува на истите од првиот круг. Споредбено ако се соберат 3-те илајди гласови на кандидатот Река, и трите на Пендаровски, тој во вториот круг добил нови две илјади гласови. Убедлива победа Пендаровски однесе во општина Чаир. Промени освен зголемена разлика во однос на Силјановска нема во општините Кисела Вода и Аердром, кои пак на локалните избори ги доби коалицијата на СДСМ.

Плавата боја на мапата на политичките играчи се претопи во црвено ако се погледне мапата. Дека бројките во политиката бргу се менуваат покажува и ова слика.  Сега црвена е речиси цела источна Македонија, Силјаноска победила во вкупно 43 општини или 3 помалку од првиот круг. Пендаровски меѓу два круга успеа да смени и да ја победи Силјаноска во општините Бутел, Радовиш, Ранковце, Јегуновце, Брвеница и Демир Хисар. Синото на Пендаровски се простира на 37 локални територии, а Пендаровски победи и во сите 9 оштини кои беа освоени од Река во првиот круг. Тука тој ја забележува и најголемата разлика и во проценти и во апсолутни бројки на гласачи. Желино имаше најмала излезност, но излезените 96,62 % од избирачите гласале за Пендаровски.

Најмалку во процентни поени Силјаноска има освоено во Липково, 0,64 % и таму освоила и најмалку гласови 44. Од друга страна најголема победа во број на гласови кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ освојува во Гази Баба со разлика од 5.908. Во проценти повеќе од двојно Силјаноска има гласови во Илинден, каде застанала на разлика од 3.110 гласови и 68,72 %. Пенадровски има освоено неколку општини покрај Бутел каде разликата е под 100 гласови. Најголема предност новиот претседател остварил во Чаир од 11.939 гласа плус. Потоа следува Тетово со околу 10 илјади разлика за Пендаровски. Силјаноска успеа да ја одржи разликата и да оствари победи во поголемите градови како Прилеп, Битола, Велес, Штип. Пендаровски пак победи во Куманово, Струмица, Кичево, Гостивар, Струга.

Пендаровски освои вкупно 436.212 гласови, Силјаноска 377.713. Кога нивните резултати ќе се споредат со партиите кои ги кандидираа и нивните резултати од последните локални избори ќе се види дека Пендаровски освоил 13.000 гласа повеќе од советничките општински листи на СДСМ пред година и пол. Силјаноска, пак усепа да го надмине ВМРО-ДПМНЕ од 2017-та. Тогаш партијата доби 335.579 гласа. Секако тогаш имаше и поголем одѕив на гласачите од сегашните помалку 46,7 процени.

Доколку се соберат гласовите на СДСМ и на ДУИ од локалните, бидејќи Пендаровски е нивен заеднички кандидат тогаш заедно на локалните советнички листи, владините партнери имаа околу 510 илјади гласови, Дуи имаше над 89 илјади гласа (89.618). Сега пресметано Пендаровски има добиено 63,800 гласа помалку од партиите кои застанаа зад него.

Падот допрва ќе се анализира. Причините во јавноста веќе се наведуваат. Негативната гласовна разлика на двајцата партнери од Илинденска преку мапата може да се најде во широкиот црвен појас на истокот и во Пелагонија

Преземањето на ВМРО-ДПМНЕ пак се случи во повеќе главно македонски општини, а и тука е интересен примерот со Охрид- каде за градоначалник победи кандидатот на СДСМ, и тоа со убедлива разлика, но на претседателски изгуби кандидатот на истата партија. Ново Село во вториот круг доби градоначалник од редовите на СДСМ со 19 гласа разлика, а Пендаровски загуби со 700 гласа. Иако излезноста е поголема, бројот на неважечки ливчиња е помал, за 0,74 отсто или 2.200 ливчиња.

Павле Беловски

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ