
Пендаровски со одговор до БАН – македонскиот јазик е факт
Македонскиот јазик е факт и би било губење време да се убедуваме дали тој постои или не. Вака претседателот Стево Пендаровски одговори на тврдењето на Бугарската академија на науките дека македонскит јазик е непостоечки, нарекувајќи го „регионална форма на бугарскиот јазик“.
„Македонскиот јазик и македонската нација се факт. Македонскиот јазик е лингивистички факт децении и децении наназад и тоа е утврдено на меѓународно ниво. Мислам дека е беспредметно да разговараме за нешто што е гол факт, ноторен факт кој го знаат сите, не само кај нас и не само кај нив, го знаат во целиот свет“, изјави Стево Пендаровски, претседател на Македонија.
Премиерот Заев денеска повтори дека официјално ќе се реагира до Бугарија, но оти се уште не е утвредено во каква форма.
„Разговарав веднаш со МНР. Еден дел од ракциите секогаш се формализираат со протестна нота, друг дел се реакции кои што значат повикување на амбасадорот на разговор во самото министерство, трет дел на реакции се на политичко ниво разговори. Јас веќе воспоставив контакт со премиерот на Бугарија, Борисов. На крајот на годината или на почетокот на годината ќе се видиме, ќе поразговараме“ , Зоран Заев, премиер на Македонија.
Според него вакви дисонантни тонови кои стигаат од Бугарија не можат да градат пријателство.
Шефот на дипломатијата пак синоќа изјави дека процесот на затворање на македонското прашање со Бугарија мора да заврши со целосно прифаќање на сегашната реланост.
„Дека македонскиот народ е тука и дека македонскиот народ зборува на македонски јазик“, изјави Никола Димитров, министер за надворешни работи. (12.12.2019)
Два дена по ставот на БАН дека македонскиот јазик е бугарски дијалект, официјална Софија пак преку амбасадорот во земјава, Ангел Ангелов, се огради од ставот на бугарските академици како официјален став на Бугарија.
„Официјалниот став на Бугарија е декларацијата на Парламентот, поофицијален став нема од тоа“, Ангел Ангелов, амбасадор на Бугарија во земјава.
Но и Декларацијата на бугарското собрание за македонското пристапување во ЕУ, на која се повика Ангелов, усвоена во октовмри, не го признава македонскиот јазик. Разликата на негирањето во Декларацијата, од негирањето на бугарските академици е во подипломатскиот вокабулар. Со неа од ЕУ се бара наместо македонски јазик да се користи терминот „службен јазик на Република Северна Македонија“ или под терминот „македонски јазик“ со ѕвездичка да се појасни „според уставот на Република Северна Македонија“.
„Треба да биде јасно дека јазичната норма прогласена за уставен јазик во Република Северна Македонија е поврзана со еволуцијата на бугарскиот јазик и неговите наречја во поранешната југословенска република, по неговата кодификација од 1944 година. Ниту еден документ во процесот на пристапување не може да се смета за признавање од страна на Бугарија за постоењето на т.н. „македонски јазик“, одвоен од бугарскиот“, Декларацијата на бугарското собрание за македонското пристапување во ЕУ.
Македонија тогаш на Декларацијата реагираше со идентичните изјави како и сега, дека за идентитетските прашања не може да се преговара во 21 век, но тогаш изостанаа официјална реакција по дипломатски пат.
Тамара Грнчароска