Пендаровски ќе го потпише указот за Законот за ратификација на Северноатлантскиот сојуз

Претседателот на  Северна Македонија, Стево Пендаровски денеска ќе го потпише указот за прогласување на Законот за ратификација на Северноатлантскиот договор.

Собранието вчера на свечена седница едногласно со 114 гласови „за“ го усвои Законот што ќе се применува по ратификацијата на Протоколот за НАТО од Шпанија, по што се очекува земјата да стане 30-та членка на Северноатланската алијанса. По седницата знамето на Северноатланската алијанса беше ставено на јарболот до македонското знаме пред зградата на Собранието на Република Северна Македонија.

Амбасадорката на САД во НАТО, Кеј Бејли Хачинсон потврди дека сите очекуваат знамето на Северна Македонија да започне да се вее пред седиштето на Алијансата во Брисел мошне скоро, најрано на пролет.

Хачинсон денеска во Брисел ќе учествува на состанокот на министрите за одбрана на земјите-членки на Алијансата. На брифингот за новинарите таа укажа дека на состанокот ќе се разговара за тековните приоритети и насоките дадени „на НАТО самитот лани во декември“.

Еден од приоритетите годинава е проширувањето на Алијанста со уште една земја, Северна Македонија, откако поминаа ратификациите во парламентите на сите земји членки.

-Знамето на Македонија ќе се вее пред Брисел најрано на пролет. Нашите македонски сојузници направија одлична работа со реформите. Пофалби за трпението и за лидерството со решавањето на (проблемот) со името што беше клучно за започнување на целиот процес на членство, изјави таа.

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, одговарајќи на новинарско прашање за тоа дали неусвојувањето на нов закон за одбрана го става во опасност членот пет на Повелбата на НАТО за колективна одбрана, вчера потсети дека Северна Македонија секако ќе биде обврзана да го почитува.

Членот пет на Повелбата на НАТО е еден од најважните столбови на Алијансата, тој предвидува дека напад врз една земја членка се смета за напад врз сите останати.

-Членот пет за колективна одбрана ќе биде обврска што произлегува од договорот штом Северна Македонија стане полноправна членка. Ние го потпишавме пристапниот протокол и штом сите НАТО сојузници го ратификуваат, Повелбата ќе се примени врз Северна Македонија, а членот пет ќе биде обврска, изјави Столтенберг.

На вчерашната свечена собраниска седница зборуваа претседателот на државата Стево Пендаровски, премиерот Оливер Спасовски, претседателот на Собранието Талат Џафери, координатори на пратенички групи, пратеници меѓу кои и лидерите на ДУИ и на ДПА, Али Ахмети и Мендух Тачи. Зборуваше и претставник на НАТО.

Пристапувањето кон Северноатлантскиот сојуз не е едноставно стапување во членство во меѓународна организација. НАТО е сојуз на држави кој се заснова врз меѓусебна политичка и одбранбена солидарност и врз заеднички вредности. Членството во најмоќниот воен сојуз во светот е привилегија, но и огромна одговорност, истакна претседателот Пендаровски.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ