
Пендаровски ги очекува гласовите на Река
Нема да тргува со нивните гласови, но очекува поддршка.
Стево Пендаровски денеска упати порака до гласачите на Блерим Река кој освои 79 илјади 169 гласа.
Пендаровски тврди дека ниту тој, ни партиите што застанаа зад него, нема да се среќаваат со тимот на Река за да се пазарат за гласови.
Гласачите Албанци ќе ги мотивира со концептот за кој се залага, а тоа е проевропски ориентирана држава.
Претседателскиот кандидат вели и дека ги разбира граѓаните кои решија да не излезат на гласање и да упатат порака.
Рече дека тоа е нивно право и дека пораката е примена. Одби да ги коментира бројките и тоа што Силјановска освои повеќе гласови во дел од скопските општини и поголемите градови, велејќи дека конечниот резултат е сепак 4.600 гласа за него.
Рече и дека нема индикатори за тивок бојкот на некои партии што стојат зад неговата кандидатура, туку тешките политички одлуки што беа донесени изминативе две години, како договорите со Грција и Бугарија и Законот за јазици, влијаеја на резултатот во првиот круг од изборите.
Верува дека цензусот ќе биде постигнат во вториот круг, доколку некоја од големите политички партии не бојкотира, а такви индиции засега нема.
Далиборка Демјанска Цветановска