Пендаровски доби уверение од ДИК за претседател

Стево Пендаровски и официјално доби уверение од ДИК со кое се прогласува за претседател на државата. Уверението е двојазично а претседателот на ДИК Оливер Дерковски му ја честиташе новата функција посакувајќи му успех во петгодишниот мандат.

Првата работа што Пендаровски ќе ја направи утре во вилата „Водно“ е одржувањето на заедничка средба со Претседателот на заминување Иванов и членовите на неговиот кабинет. На вработените ќе им порача дека политички реваншизам нема да има.

Новиот претседател најави активно учество во реформите на разузнавачките служби, особено во Агенцијата за разузнавање. Во неа нема да има место за четири лица за кои се води истрага во Обвинителството.

Од понеделник ќе ги потпише законите кои не беа потпишани од Иванов а ќе се договараат и првите меѓународни средби. Инаугурацијата ќе се случи утре на пладне во Собранието а на чинот ќе присуствуваат високи државници од соседните држави. Своето присуство го најавиле Претседателите на Србија Александар Вучиќ, на Бугарија Румен Радев, на Албанија Илир Мета и на Косово Хашим Тачи. Ќе присуствуваат и министрите за надворешни работи на Грција и на Црна Гора како и државни функционери од Турција, Словенија и Полска.

Јулијана Пешевска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ