Пендаровски: Бугарија засега нема да не` блокира, нема гаранции за понатаму

Претседателот не очекува Бугарија да ја блокира одлуката за почеток на преговорите на Македонија со ЕУ,  но вели дека нема гаранции дека тоа нема да се случи во некоја подоцнежна фаза.

Пендаровски, кој денеска му беше домаќин на црногорскиот колега Мило Ѓукановиќ, го толкува соопштението по состанокот на државниот врв на Бугарија, како најава дека  нивните барања ќе бидат врамени во понатамошниот тек на преговорите.

Зависно од нивните потези, ќе се гради и позицијата на Македонија.

Црногорскиот претседател, кој беше пречекан со највисоки државни почести,  изрази поддршка за почеток на преговорите на Македонија со ЕУ, оценувајќи дека „не смее да има двоумење“ во однос на тоа.

Повика и на „нова динамика во процесот на проширување„, оценувајќи дека во однос на тоа прашање стигнуваат „позитивни сигнали од идната европска администрација.За посетата на американскиот државен секретар, Мајк Помпео, на двете земји во следните денови, рече дека е знак дека САД се враќаат во регионот.

Пендаровски,пак, изјави дека Помпео доаѓа во земјите за да им „оддаде признание на оние држави кои и досега беа на евроатлантскиот курс“.

И тој, како и Ѓукановиќ, се надева на засилено присуство на Вашингтон во регионот затоа што, вели,  сите клучни предизвици беа решени со голема поддршка од САД.

Двајцата претседатели констатираа дека меѓу Црна Гора и Македонија нема спорни прашања, а добрите односи се веќе традиција.

Далиборка Демјанска Цветановска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ