
Пендаровски бара да се состане Собранието, Џафери одбива – најден начин да се продолжи вонредната состојба
Претседателот на државата ќе донесе нова одлука за вонредна состојба и во наредните 30 денови, врз основа на нов предлог од Владата. Со тоа, ќе се обиде да ја надмине правната празнина во Уставот, кој не предвидува можност, вонредната состојба да се продолжи во ситуација кога Собранието не работи.Тој лично смета дека би било најдобро да се свика Собранието, и оваа одлука да ја донесат пратениците, но спикерот Талат Џафери, не се согласил со него.
Пендаровски, сепак, ја охрабрува владата, по празникот да дефинира нови мерки за стопанството, за фазно, постепено враќање на економската активност во нормала, затоа што, вели, е јасно дека ќе мора да се живее со вирусот. Побара, најдрастичните мерки, како долгиот полициски час, да се применуваат во разумен рок, за да не се постигне спротивен ефект. Спротивно на ставот на министерката за одбрана, која најави дека се засилува учеството на Армијата во сите градови, Пендаровски како врховен командант на вооружените сили изјави дека, најдоцна утре, сите банки и други стопански субјекти, ќе бидат задолжени сами да си организираат редарска служба, за Армијата да не се користи во такви цели.
За Куманово, став на Пендаровски е, владата да размисли да се засилат мерките кои беа применети во Дебар и Центар Жупа, со целосно затворање на општината.
Во пресрет на претстојните Велигденски и Рамазански празници, претседателот порача дека,оваа година и црквата ќе мора да се сообрази со правилата кои важат за сите. Нагласи дека и највлијателните верски лидери, како папата, сега се однесуваат поинаку, сами држат миси во верските храмови, а нивниот пример треба да го следат и раковотствата на МПЦ и ИВЗ. Апелираше до верниците, да ги препорачаат препораките кои важат за сите.
Седницата на Советот се одржа без техничкиот премиер, Оливер Спасовски, министерот Венко Филипче и вицепремиерот Бујар османи, кои од денеска се во изолација, откако вчера беа на состанок со кумановскиот градоначалник, кој е позитивен на Ковид-19. Присутни беа собранискиот претседател Талат Џафери, министрите за внатрешни и надворешни работи Наќе Чулев и Никола Димитров, министерката за одбрана Радмила Шекеринска и професорите Ненад Марковиќ и Ветон Љатифи.
Далиборка Демјанска Цветановска