
Педа по педа се бетонира секое слободно парче на Охридско – струшкото крајбрежје
Педа по педа се бетонира секое слободно парче атрактивна земја на Охридско – струшкото крајбрежје. Некогаш ниви кои ги обратуваа локалните жители, на каскадните тераси на езерскиот брег во Радожда, струшко, сега никнуваат бетонски огради и потпорни ѕидови од кои се издигаат железа кои најавуваат нови градби на само неколку метри од водата. Земјиштето е приватно велат мештаните. Селаните го продаваат, а го купуваат бизнисмени, актуелни функционери, но и странци, а некои од нив поседуваат и куќи во Радожда.
Сопствениците на атрактивното земјиште во Радожда не сакаат да зборуваат за нивните намери, но тврдат дека поседуваат сооддветни документи и ништо не прават незаконски. Жителите на Радожда се загрижени дека со евентуална изградба на нови објекти дополнително ќе се оптовари ионака лошата комунална инфраструктура во селото. Не знаат кој се поседува плацеви во нивното село, но знаат кој може да гради.
Неодамна на струшкото крајбрежје беше извршен вонреден инспекциски надзор, кој не утврди узурпација на земјиште и незаконско градење. Спротивно на инспекцискиот наод граѓаните и екологистите секојдневно на социјалните мрежи објавуваат фотографии и алармираат дека се бетонира езерското крајбрежје. Министерството за транспорт на почетокот од годината одлучно најави дека ќе го преземе стопанисувањето со крајбрежјето на Охридското и другите езра во земјата, но законот се уште не го минал филтерот во парламентот. Во меѓувреме урбанизацијата на свтетското природно наследство заштитено од УНЕСКО продолжува.
Горан Момироски