
Пазарџиите се подготвуваат за нови протести
Пазарџиите се подготвуваат за нови протести, дознава Телма. Вечерва и утре треба да се одржат состаноци меѓу поголем број закупци на тезги, по што не е исклучено да се организира и генерален протест на пазарџиите на ниво на цела држава.
Пазарџиите бараа власта целосно да го укине Законот за трговија на зелените пазари, но таа само го одложи до крајот на оваа година, со ветување дека ќе се формираат работни групи кои ќе бараат решение на проблемите.
Тоа на пазарџиите пред неколку дена им го ветил и премиерот Зоран Заев со кого имаа средба. Сепак, тезгаџиите велат дека досега не се формирани работните групи, а тие дури и не успеале да остварат никаков контакт со советниците ангажирани за оваа проблематика. Нивните стравувања се дека доколку ова прашање не се реши пред изборите, потоа ќе бидат заборавени од власта.
Главниот проблем за кој реагираат закупците се дека со новиот Закон се бара да плаќаат лиценци од 60 евра годишно, а за пензионерите беше забрането да закупуваат тезги на зелените пазари. Неофицијално, во соработка со правни експерти, пазарџиите ќе поднесат и иницијатива за преиспитување на Законот до Уставниот суд, токму од причина што не е дозволено некому да му се ограничува правото на работа.