
Пазарџиите на бунт, бараат повлекување на законот, тезгите под клуч
Пазарџиите на бунт. Почнаа рано утрово секој пред својот пазар, на Зелениот и на Битпазар, потоа се споија пред Собранието и го блокираа сообраќајот. Тезгите ги оставија под клуч, во знак на протест против Законот за зелените пазари, од пратениците бараат целосно да го повлечат. Главен проблем што ги мачи се лиценците од 60 евра за тезга годишно што сега им се наметнуваат, покрај закупот и даноците, кои и онака едвај собираат пари да ги платат, со што се доведени на раб на опстанок.
Не можеме да ги издржиме сите давачки, доволно имаме давачки и трошоци кон државата. Ние не сме диви како што не нарекуваат, ќе бараат од нас, тие што имаат фирми, да ги згаснат фирмите, вели Неби Ергил, пазарџија.
На тезга на вкупен износ од 7.050 денари, кон државата се плаќаат 1.075 денари, по 12, тоа се околу 13 илјади денари, и на сите тие давачки, данок кон УЈП на крај на годината од 9 илјади денари, или околу 22 до 23 илјади денари има државата од една тезга или лице, без разлика дали е вработен, пензионер или невработен, вели Зоран Ѓурчиновски, пазарџија.
Лиценци немаат намера да вадат, тоа државата да го бара за другите професии, лекари на пример. Ние сме учеле за друго, но маката не натера овде да заработуваме.
Не може тезгаџија што продава компири да вади лиценца. Плаќаме дури и за тоалет, а и околу сите паркинзи се по 40 денари на час. Не може да се носи закон за пазари, во кој нема да учествуваат пазарџиите, тгие во фотелјите треба да знаат дека законот треба да потекнува од нас, затоа ги гласавме, вели Маја Стојановска, закупец на тезга.
Пензионерите, но и сите стечајци, социјалци, или вработените и оние што имаат хонорар, веќе не смее да продаваат на пазарите, прашуваат зошто само ним им е ускратено тоа право.
Кој пензионер може да опстане со мала пензија, овде сме за парче леб, вели Билјана Блажевска.
Ако треба толку да плаќаме, ќе си земеме дуќани, барем да работиме на топло, вели Марина Ѓеоргиевска.
Пазарџиите се жалат дека сите власти само им накалемувале нови трошоци.
Работиме, велат само по 7 до 8 месеци во годината, никаде во светот нема за тоа да се бараат лиценци.
Ќе бараме и од министерот за економија, не да работи само на своја глава, вели Фета.
Министерот Бектеши, пак, не отстапува, законот вели мора да се почитува, а за негово укинување пазарџиите ги упати до Собранието.
За пензионерите вели дека нивниот проблем не е овој, туку немаат право да работат поради Законот за работни односи, а другите вработени не повеќе од 10 часа неделно.
Пазарџиите најавија дека ќе протестираат се до исполнување на нивните барања. Досега Комората на трговци издала едвај околу 50-тина лиценци. Проценките велат дека во земјава има околу 20 илјади закупци на тезги.
Нина Нинеска-Фиданоска