Пазарџиите и стопанската комора бараат укинување на законот за трговија на зелените пазари

Метеж, полни тезги со овошје и зеленчук, купувачи и продавачи е сликата што денеска може да се види на пазарите.

Но, пазарџиите стравуваат, велат дека ако не се укине Законот за трговија на зелените пазари , тезгите ќе се испразнат, а тие ќе мораат да бараат нова работа.

Петар Јосифовски, кој повеќе од 10 години е на зеленото пазарче вели дека ќе ја затвори тезгата ако државата му наметне дополните давачки.  

На тезгата од спротива, петта година  пазарот е работно место на Маја Стојановска Дашковска, која кажува дека пазарџиите не одбиваат да плаќаат закуп на тезгите, но дополнителни пари за лиценца немаат и ваквите закони би  оставило цели семејства на улица.

Од Стопанската комора на Македонија , велат дека со влегувањето на сила на овој закон од јануари следната година може да се случи над 6.000 пазарџии да излезат од пазарите и да станат сива економија.

Ова заедно со конкуренцијата од супермаркетите ќе значи загуба од два милиони евра.

Министерството за економија вели дека подготвува измени и дополнувања на Законот и овој пат се се земени предвид сите заинтересирани страни.

Тие додаваат и дека не е во нивна надлежност да одредуваат колку пари ќе чини легитимацијата за трговците. 

Законот ги одредува само условите за добивање на легитимацијата. Тоа според првичниот Закон ја одредуваше Комората на трговци, односно сега со измените, идните комори кои ќе добијат јавни овластувања за оваа намена” –соопштија од министерството за Економија.

Законот за тргување на зелените пазари беше донесен во јануари 2018 година, но неговата примена, наместо од почетокот на 2019-та, како што се најавуваше, е одложена за една година по рекциите на тезгаџиите и организаторите на пазари.

Теодора Цветковска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ