
Пациентите затекнати од високите цени на лековите, задача на Фондот е да ги намали референтите цени
Хронично болни пациенти плаќаат повеќе пари за редовната терапија, алармираат матичните лекари.
Од неодамна, некои од лековите чинат двојно, а некаде дури и тројно повеќе од претходната цена.
Па така на пример, лек за простата кој претходно чинел 50 денари, сега може да се набави за 180 денари. Лек за алцхајмер пак, кој претходно чинел 350 денари сега е цели 550 денари.
Министерот Филипче во краток разговор за Телма понуди кусо објаснување дека во Министерството се запознаени со тоа и дека станува збор за нормална процедура чија разврска се очекува во најкраток рок.
„Потребно е Фондот во регуларна постапка да ги намали референтните цени на лековите, врз основа на единствените цени кои ги намалува Министерството, па тој краток период на адаптација е период во кој генерално цените се намалени, а референтната цена останува ненамалена само за неколку лекови од вкупните петстотини. Затоа доплатата е поголема“, кажа Венко Филипче – Министер за здравство.
Филипче на почетокот на месецот објави дека 560 генерички иновативни лекови ќе поевтинат, а некои од нив и за цели 40%.
Министерот тогаш кажа и дека ќе се промени начинот на плаќање за лековите издадени на рецепт.
Петар Догов