Пациентите бараат подобар третман во болниците додека докторите протестираат против насилството

Тепање на доктори во болниците не е цивилизирано однесување гласно размислуваат пациентите, но бараат подобра услуга од медицинските лица за да нема напнатост и нервоза во болничките ходници и простории. Луѓето кои во дворот на Клинички застанаа пред камерата на Телма се пожалија за третманот кој го добиле од медицинскиот персонал во последните денови.

„Се јавуваме да дојдат дома, болен човек имаме – не откачија. Ни рекоа викнете такси однесете ја на грб.“ изјави еден од анкетираните.

„Три дена не можам да го најдам докторот којшто го оперирал сопругот. Не можеш да добиеш информација. Што да ви кажам не знам. Но, во секој случај не е цивилизирано да го напаѓаш докторот.“ изјави една од анкетираните.

Изминатиот период, блиски луѓе на пациенти во различни здравствени установи тепаа доктори и сестри и ги натераа медицинските лица да се соберат на протест поради тоа. Луѓето во белите мантили на насилството одговорија дека тие не спасуваат нечии животи за да бидат тепани.

„Проблемот не е од сега секако, тој често ни се случува. Ние што работиме со пациенти секојдневно се сретнуваме со насилство. Проблемот не е само до пациентите. Имаме книга и секој млад дипломиран доктор добива прирачник како да се однесува. Тоа е нешто што му го даваме со лиценцата за работа. Но, не секој се однесува така.“ изјави Калина Гривчева – Старделова, претседател на Лекарската комора на Македонија.

„Ние не можеме да му замериме на пациентот, но можеме да замериме на семејството. Семејството е тоа коешто има недоверба во нас и којашто настапува агресивно.“ изјави Виолета Котевска, претседател на Комората на здравствени работници со стручно образование.

Тепањето на медицински персонал во повеќе здравствени установи низ државата го натера и министерот за здравство да донесе одлука за приватно обезбедување во здравствените установи, а полицијата да патролира почесто за да се справи со насилството во болниците.

Петар Догов

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ