
Пациент со Ковид-19 во итна состојба опериран во „Жан Митрев“, преку хемофилтрација излечен од вирусот
Пациент во итна состојба, во хеморагичен шок, поради руптура на абдоминална аневризма, бил примен во Клиниката „Жан Митрев“ каде му бил извршен зафат по кој му бил потврден Ковид-19. Неговото лекување морало да продолжи на Клиниката каде бил ставен на континуирано испирање на крвта со специјален филтер, кој ги отстранува сите инфективни медијатори. По оваа филтрација на крвта пациентот многу добро се опоравувал, па му биле направени неколку тестирања за Ковид-19, резултатите биле негативни, а пациентот во добра општа состојба по шест дена лекување ќе биде пуштен дома.
Ова денеска го соопштија од Клиниката „Жан Митрев“, од каде во образложението на целиот процес на лекување посочуваат дека пациентите во хеморагичен шок поради руптура на абдоминална аневризма не ја преживуваат доколку веднаш не се оперираат со што се решава крварењето со замена на абдоминалната аорта со васкуларна протеза.