Патот кон ЕУ оди преку СЈО и борбата против корупцијата

Владата очекува дека ќе добие 80 гласа за законот за СЈО бидејќи нема партија која не сака земјава да добие датум за преговори со ЕУ во јуни. Виецепремиерот Бујар Османи очекува по примерот на Законот за борба против корупцијата со консензус да биде донесен и Законот за Јавното обвинителство со кој ќе се уреди идното функционирање на СЈО.

„Ние имаме 68 пратеници како влада. Така да очекуваме да добиеме поддршка и од другите политички партии за да имаме најмалку 80 пратеници. Сметам дека нема политичка партија којашто не се залаг за борба против корупцијата, нема политичка партија којашто сака да не добиеме датум за преговори во јуни“, рече Бујар Османи, вицепремиер за европски прашања

Законот за СЈО е дел од пакетот на реформски закони кои мора да бидат донесени до јуни за да влезат во извештајот на Европската комисија за земјава, а врз основа на кој Советот на ЕУ ќе однесе одлука дали да даде датум за старт на преговори.

За Османи носењето на овој закон може да биде еден од клучните успеси во пресрет на препораката од Европската комисија за преговори за членство. Османи во тој контескт вели дека не смее да се направат грешки во делот на реформите бидејќи тоа може многу да ја чини земјава.

„Грешките овие три месеци во реформите не се грешки на владата, пред ЕУ се грешки на државата и цената ја плаќаме сите и затоа овој период барам внимателност, барам вклучителност, барам ангажман, барам надминување на политичките разлики, кој е опозиција, која е влада. Сега имаме уникатна шанса да ја фатиме оваа можност и да ги започнеме преговорите оваа година“, рече Бујар Османи, вицепремиер за европски прашања.

Османи информираше дека Извештајот на Комисијата за земјава најверојатно ќе биде објавен на 29 мај. Oдлуката за датум Европскиот совет ќе ја носи на 21 јуни.

 

Тамара Грнчароска

Објавено на
© 2026 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ