
Пасошката криза ќе се решава со рестрикции
За последните 4 илјади пасоши ќе има рестрикции за издавање, одлучи владата на синоќешната седница.
Без итна постапка, и предност за оние со ургентни потреби – медицински или професионални. Тоа ќе биде рецептот по кој МВР ќе ги издава последните околу 4 илади преостанати патни исправи пред да дојде новата пратка планирана за 24-ти март.
Новата методологија ќе ја утврдува врвот на министерството и оној техничко-политички и оној професионален-полициски на состанок утре, откако владата не го прифати барањето на министерот Наќе Чулев да се формира работна група за надминување на пасошката криза.
Владата синоќа на седница одлучи, министерот и МВР сами да најдат решение, а од друга страна преку телфонски јавувања до германската фирма Веридос и до кабинетот на кацеларката Ангела Меркел ќе се бара побрза испорака на доцна нарачаните пасоши.
Во моментот над 16 илјади граѓани веќе поднеле апликација и се сликале за нов пасош, но има 4 пати помалку обрасци за нови патни исправи, па МВР ќе мора да направи ред кој ќе важи до крајот на март.
Неколку категории граѓани имаат потреба од замена на нови пасоши како што се превозници, спортисти, луѓе со здравствени проблеми, како и функционери, универзитетски професори и експерти кои патуваат на конгреси и конференции, а тука спаѓаат и луѓе кои работат во странство и се вратиле дома за да извадат нови документи.
Во информацијата која е доставена до владата од министерот Чулев стоело и дека до пасошката криза настанало поради пропусти во планирањето и во магацинското работење, како и поради нераспишан нов меѓународен тендер за набавка на обрасци.
За биометриски пасош секој граѓанин плаќа по 1500 денари. Новите црвени пасоши се издаваат од 2007-ма и доколку оттогаш се издадени 2 и пол милиони патни исправи колку што има државјани тогаш граѓаните уплатиле на државата за таа услуга над 60 милиони евра.
Миомир Серафиновиќ