
Пасоши ќе има ако „Веридос“ побрза со испораката на обрасци
Залиха на пасоши во магацинот на МВР има до средината на овој месец и сега се зависи од германската фирма „Веридос“ која доколку не испорача во наредните десетина дена нова тура на обрасци, можно е да се јави застој во нивното издавање. Од министерството велат дека имаат константна комуникација со германската фирма па затоа очекуваат континуирана испорака на обрасци за сите типови на лични документи, но не можат да прецизираат датум. Оттаму додаваат дека има доволна залиха на опбрасци за лични карти и возачки дозволи.
Од друга страна пак, техничкиот министер Наќе Чулев на прес конференција одржана во средата кажа дека не е оптимист за брзината на испораката и смета дека обрасците за пасошите би стигнале кон крајот на идниот месец, што само по себе значи проблем при издавањето.
Проблемот тој го лоцираше во лошата анализа на раководството на МВР околу побарувачката на лични документи со оглед дека има избори, граѓаните мораа да поседуваат лични документи за да купат лекови и истекуваат 10 години од документите издадени 2009 година.
Чулев соопшти дека тој ја задолжил внатрешната контрола кои треба да утврдат дали последниот тендер за набавка на обрасци за лични документи е спроведен законски.
Договорот за набавка тежок околу 20 милиони евра според кој „Веридос“ наредните две години ќе го снабдува министерството со обрасци за лични документи беше потпишан на 11 декември а првата тура на лични карти беше испорачана на 20 јануари со што беше надминат проблемот за кој алармираа граѓаните.
Огнен Чанчаревиќ