
Партизирани институции, корупција, луксузирање на функционери – интерпелацијата полна обвинувања
Владата предводена од СДСМ и ДУИ покажа дека нема капацитет на водење на институциите, и наместо да ги решава проблемите на граѓаните, работи исклучиво за партиски потреби и интереси. Ова, како идеја водилка, го навела опозициската ВМРО-ДПМНЕ во Интерпелацијата за недоверба на Владата, која вчера ја достави до Собранието. Интерпелацијата е објавена на собраниската веб страница, и е потпишана од 41 пратеник, а ќе се најде пред народните избраници на собраниската седница во среда, така на пратениците преку смс им најавил и собранискиот спикер Талат Џафери. Партизираност, криминал, корупција, слаби економски резултати и надворешна политика – на шест страници партијата на Христијан Мицкоски ги навела своите аргументи зошто бара пратениците да и изгласаат недоверба на Владата.
„Во изминатите 10 месеци СДСМ и ДУИ ги заборавија своите предизборни програми и ветувања и не остврија ни еден единствен проект и реформа со кои ја бараа довербата од граѓаните. Единствени проекти кои Владата ги спроведе се нагло партизирање на институциите, бркање од работа на професионалците од институциите и нивно деградирање, заробено судство, луксузирање на владините функционери со парите на граѓаните, политички реваншизам и слично“, се вели во Интерпелацијата.
Обвинуваат за деградиран политички и правен систем и кршење на Уставот и законите, а животот дошол само за владините и партиските функционери. Се жалат пензионерите, вработените, земјоделците, сопцијалците и младите. Владата која ветуваше професионализам, сега ги партизира институциите и брка од работа искусни кадри, има илјадници отпуштања, тврдат од ВМРО-ДПМНЕ, наведувајќи повеќе примери, меѓу кои ЈСП, ЈП Водовод, РЕК Битола, и неколку општини.
За Владата да ја одржи во живот коалицијата, ја погазила демократијата, Уставот, законите и собранискиот деловник. Против волјата на мнозинството граѓани, насила изгласаа неуставен, неприменлив и штетен закон за двојазичност. Недозволиво е во демократска држава која претендира да биде дел од НАТО и ЕУ грубо да бидат погазени и прекршени сите процедури, навеле од опозициската партија. Критики има и за планот 3-6-9, кој како што велат, доживеал тотелен колапс и дебакл, а Владата нема капацитет и знаење да ги спроведе реформите, со што била ставена под прашалник и препораката за членство во ЕУ.
ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека се врши класично распродавање и негрижа за прашањата од национален интерес, за што како пример се наведува асиметричниот договор со Бугарија, но и за преговорите за името со Грција.
„Владата нема никаква стратегија ниту градење на државен консензус во однос на спорот со Грција и прашањето со името. Без никакви консултации со опозицијата и на нетранспарентен начин се одвиваат преговорите за името. Јавноста во Република Македонија и пратениците во Собранието повеќе информации за ова прашање може да најдат во странските медиуми и од грчката Влада отколку од нашата Владата и министерот за надворешни работи, што е недозволиво и неприфатливо“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Не е поштедена економијата, се обвинува за погубни економски политики, преголемо задолжување, 1,5 милијарди евра за 10 месеци, а во услови кога светската и европската економија бележат раст, македонската стагнира.
„Единствена земја сме во Европа која за 2017 не забележа еконосмки раст… Имаме пад во градежништвото од 48 отсто, нема нови инвестиции и работни места, нема покачување на плати, пензии и социјална помош, а трошоците за живот вртоглаво растат. Владата дополнително ја зголеми акцизата на нафатата, а најави и повисоки даноци што негативно ќе се одрази на стандарот. Највите за раст на БДП од 3,2 отсто останаа празно ветување. Владата брзо го заборави и своето најголемо предизборно ветување за поврат на 15 отсто ДДВ. Не оствари ниту просечна плата од 500 евра“, велат од ВМРО ДПМНЕ.
Владата не само што не градела нови патишта, туку ја запрела и веќе започната изградба од претходната Влада, па за 10 месеци нема поставено ни еден метар нов асфалт.
Се обвинува за злоупотреба на правосудниот систем, со политички реваншизам, уцени и притисоци. Политички и без основа луѓе се држат во притвор, политички се апсат пратеници од опозицијата без да се почитува Устав и закон, притворот станал казна, а не мерка. казна, а не мерка, а Советот за јавни обвинители станал партиски совет на СДСМ. Граѓаните секојдневно се жртви на грабежи, обиди за убиства, убиства, рекетирања и насилства кои минуваат неказнето, а прикривањето на убиства и криминал станале главна задача на МВР. Наместо борба против корупцијата имаме нејзино огромно зголемување, па земјава се најде на дното на листата на Транспаренси.
Владата се критикува и дека не направила ништо за младите, за образованието, за студентите. Се обвинува за хаос во здравствениот систем, проследен со скандали и смртни случаи, земјоделците биле излажани, а во социјалата најранливите биле оставени сами на себе, а се злоставуваат малолетници во Домовите за деца без родители.
Штетите кои ги предизвикува Владата стануваат се поголеми и се потешко ќе биде да се надоместат. Оваа Влада од граѓаните е оценета како една од најнеспособните и најкриминалните, и затоа мора што побрзо да си оди додека не направила поголеми штети, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Експертите велат дека не ни очекувале опозицијата во интерпелацијата да ја фали Владата. Но, сите споменати точки не кореспондираат со колективната меморија што ја имаме како граѓани, вели аналитичарот Алберт Муслиу, уште ни виси на глава последниот извештај на Европската комисија каде бевме прогласени како држава со заробени институции, па сега за пет месеци колку што Владата реално имаше на располагање, не може да очекуваме да се случат чуда.
„Што се однесува до надворешната политика, факт е дека Владата со нејзините политики не извлече од изолација, за кусо време имаше средби со релевантни фактори од ЕУ и свестот. Се заклучи договорот со Бугарија, а преговорите за името се во толку напредна фаза, што се веќе пред завршување“, вели Муслиу, политички аналитичар.
Со ова, вели тој, за земјата ќе се отворат и значајни економски перспективи, и ќе се привлечат странски инвеститори не само поради евтината работна сила. Можеби не оди се како што треба, но за економските ветувања треба да се почека барем до крајот на мандатот на Владата. Ако ништо друго, барем добивме неповратни средства од 250 милиони евра од ЕУ, вели Муслиу. За трошењето на министрите, пак, смета дека е најбитно што тоа стана транспаренто, и јавноста може да реагира, што е за поздравување.
„Што се однесува до судството, реформите се развлекуваат баш поради вклучувањето и на опозицијата во усогласувањето на закомнските прописи“, вели Муслиу.
За Законот за јазиците овој аналитичар смета дека главната институција која треба да востанови дали е уставен, е Уставниот суд, но дотаму не може да стигне токму поради блокадите од претседателот на државата.
Муслиу вели дека интерпелацијата е легитимна работа, но повеќе ја доживува како форум на кој опозициските пратеници по неколкумесечното отсуство од Собранието ќе можат да ги искажат своите ставови, но таа нема да добие поддршка, заради поголемата бројност на мнозинството, што значи дека на Владата нема да и биде изгласана недоверба.
Нина Нинеска-Фиданоска