
Партиските лидери во изолација, позитивен новинар
Тестот на опозицискиот лидер е негативен, екс-премиерот се` уште ги чека резултатите од неговиот. Лидерите на двете најголеми партии, Зоран Заев и Христијан Мицкоски од денеска се во задолжителна домашна изолација. Минатата недела имаа интервјуа кај главниот уредник на канал 5 телевизија, за кој денеска се покажа дека е позитивен на корона вирусот. Информацијата денеска ја соопшти министерот за здравство.
Лидерите за својата здравствена состојба се огласија на фејсбук.
Филипче најави дека, во текот на денот ќе се направат анкети, а епидемиолозите ќе оценат колку лица ќе одат во самоизолација. Со Заев биле во контакт и министрите од СДСМ во владата, а дали ќе бидат тестирани, чекаат информација од министерството за здравство.
Денеска и од партиите преземаат дополнителни мерки. Сите од ВМРО ДПМНЕ што биле во контакт со Мицкоски веќе се тестирале и резултатите им се негативни. Сепак, деновиве ќе останат во изолација. Уверуваат дека во партијата и досега се почитувале препорачаните мерки.Во штабот престојуваат со маски и имаат средства за дезинфекција, а на пријавницата на влезот, на сите што влегуваат им се мери температура. Во СДСМ, пак, велат дека ќе постапуваат понатаму, во согласност со резултатите од тестот на Заев. Тврдат дека и сега се врши редовна лична и дезинфекција на сите простории, секаде се поставени соодветни средства, се почитува физичката дистанца, како и насоките за носење заштитна опрема како маска и ракавици, а сите вработени што можат, работат од дома.
Далиборка Демјанска